Никола Тодоров, висок партиски фукнкционер и министер во неколку наврати во времето на Никола Груевски, во интервју за „Слободен пачат“ говори за напливот на екстремен национализам и од десни, но и од лево ориентирани политички партии. Кога на ова ќе се додаде и голиот популизам кој станува сѐ поприсутен кај сите партии, тогаш, смета Тодоров, државниот интерес е супституиран од партискиот и од личниот интерес.
Во однос на европските интеграции Тодоров не смета дека Македонија е на крстосница. Тој е убеден дека ние одамна го имаме одбрано нашиот пат кон запад, сѐ друго е резултат на македонски инает. На секого во Македонија, вели Тодоров, му е јасно дека уставни измени мора да има, ако сакаме да го продолжиме нашиот пат кон ЕУ, односно да ги отвориме првите поглавја во преговорите. Неговиот став е дека во овој момент, речиси е невозможно кој било да влијае врз Бугарија да се откаже од барањето за промена на Уставот, имајќи го предвид исклучително големото стратешко значење на Бугарија во светло на конфликтот во Украина, па од овие причини невозможно е да издејствуваме поповолна позиција за Македонија од таа што ја имаме.
Според Тодоров, јасно е дека порано или подоцна Македонија ќе мора да го направи овој чекор и да ги вметне Бугарите во Уставот, што значи ова ќе се случи. Прашањето е дали тоа ќе биде пред или после избори и кога изборите ќе се случат.
– Ако мене ме прашувате, јас со сето срце сакам ВМРО да победи и да формира влада, но, во следните неколку месеци ќе се кристализира дали Мицкоски ќе прерасне во лидер кој ќе ја води нацијата или пак ќе мора да замине со бремето на човек кој ја оставил ВМРО најдолго време во опозија – констатира Никола Тодоров.
Оттаму, додава, најновата македонска политичка дилема е – ЕУ или власт!
– Сметам дека повеќе од ВМРО, да не се изгласаат уставните измени сака само СДСМ. Ова од причина што сметаат дека така СДСМ ќе ја има поддршката од меѓународната заедница, а ВМРО ќе ја нема таа подршка и сѐ повеќе ќе биде изолирана во меѓународните односи – вели Тодоров.
За Никола Груевски вели дека сѐ уште има влијание не само меѓу вмровските поддржувачи, туку и кај дел од пратениците и меѓу раководството.
Интервјуто со Никола Тодоров ќе излезе интегрално во утрешното печатено издание на „Слободен печат“.
Преземено од Слободен печат