Поентата не е да се менува светот на слепо; туку, пред сè, да се види и разбере.
Пишува: Славој ЖИЖЕК*
Книгата „Слободна: Растејќи на крајот на историјата“ имаше слаб прием во Албанија, татковината на Леа Ипи, и лесно е да се сфати зошто. Авторката се опишува себеси како „марксистичка албанска професорка по политичка теорија на Лондонската школа за економија“ – и тоа кажува сè.
Додека ги читав мемоарите на Леа Ипи, бев изненаден од сличноста меѓу нејзиниот живот и животот на Виктор Кравченко, советски функционер кој пребегна додека беше во Њујорк во 1944 година. Неговите бестселер мемоари „Ја избрав слободата“ беа прво конкретно сведоштво за ужасите на сталинизмот, почнувајќи од деталниот опис на Холодомор (глад) во Украина во раните 1930-ти. Во тоа време сè уште искрен приврзаник на режимот, Кравченко учествуваше во спроведувањето на колективизацијата и добро знаеше за што зборува.
Јавно познатата приказна на Кравченко завршува во 1949 година, кога тој триумфираше во процесот за клевета против еден француски комунистички неделник. На судењето во Париз, Советите ја доведоа неговата поранешна сопруга да сведочи за неговата корумпираност, алкохолизам и малтретирање на семејството. Тоа не ги поколеба судиите, но судбината на Кравченко падна во заборав. Веднаш по судењето, додека во светот беше поздравен како херој од Студената војна, антикомунистичкиот лов на вештерки во САД длабоко го загрижи Кравченко. Борбата против сталинизмот со макартизам, предупреди тој, значи спуштање на нивото на сталинистите.
Додека беше на Запад, Кравченко стануваше сè повеќе свесен за неправдите таму и стана опседнат со потребата да се реформираат западните демократски општества одвнатре. Откако го напиша помалку познатото продолжение на неговата книга „Ја избрав правдата“, тргна во крстоносна војна за да открие нов, помалку експлоататорски начин на економско производство. Таа потрага го одведе во Боливија, каде што се обиде да ги организира сиромашните земјоделци во нови колективи.
Уништен од неуспехот, тој се повлече од јавноста и на крајот изврши самоубиство во својот дом во Њујорк. И не, неговото самоубиство не беше резултат на некоја гнасна уценувачка операција на КГБ. Тоа беше израз на очај и дополнителен доказ дека неговата првобитна осуда на Советскиот Сојуз отсекогаш била искрен протест против неправдата.
Леа Ипи во една книга го прави она што на Кравченко му требаше во две. Кога избувна граѓанската војна во Албанија во 1997 година, нејзиниот свет се распадна. Принудена да се крие во својот стан и да пишува дневник додека надвор одекнуваа пукотници од калашникови, таа донела извонредна одлука: ќе студира филозофија.
Но, уште понеобично е тоа што нејзината потрага по филозофија ја врати во марксизмот. Нејзината приказна сведочи за фактот дека најпродорните критичари на комунизмот честопати биле бивши комунисти, за кои критиката на „вистинскиот постоечки социјализам“ едноставно била единствениот начин да останат доследни на нивните политички определби.
„Слободна“ произлезе од претходната дискусија за тоа како социјалистичките и либералните поими за слободата се меѓусебно поврзани, перспектива што ја формира структурата на книгата. Првиот дел, за тоа како Албанците ја „избрале слободата“, дава исклучително читливо сеќавање на детството на Леа Ипи во последната деценија од комунистичкото владеење во Албанија. Иако ги опфаќа сите ужаси на секојдневието – недостиг на храна, политички прогон, контрола, мачење и жестоки казнувања – тоа е прошаран со хумористични епизоди. Дури и под сурови и очајни услови, луѓето нааѓале начин да зачуваат трошка достоинство и интегритет.
Во вториот дел, кој ги опишува посткомунистичките превирања во Албанија по 1990 година, Ипи раскажува како слободата што ја избрале Албанците – или, подобро кажано, им била наметната – не донела правда. Кулминација е поглавјето за граѓанската војна во 1997 година, кога нарацијата се прекинува и и дава простор на извадоците од дневникот на автортката. Силата на нејзиното пишување лежи во фактот што дури и во нејзините лични записи таа се справува со големите прашања, истражувајќи како амбициозните идеолошки проекти обично завршуваат не со триумф, туку со конфузија и дезориентација.
Еден таков проект беше заменет со друг. По распадот на комунизмот, обичните Албанци претрпеа „демократска транзиција“ и „структурни реформи“ осмислени да ги „доближат до Европа“ и нејзиниот „слободен пазар“. Горчливиот заклучок на Леа Ипи во последниот пасус од книгата вреди да се цитира во целост:
„Мојот свет е подалеку од слободата како оној од кој моите родители се обидоа да побегнат. И двата не го постигнуваат тој идеал. Но, нивнити пропасти се разликуваат и ако не можеме да ги разбереме, ќе останеме засекогаш поделени. Ја напишав мојата приказна за да објаснам, да постигнам мир и да продолжам да се борам“.
Овде иронично се побива 11-та теза на Маркс за Фоербах, во која тој тврди дека „филозофите досега само поинаку го толкуваа светот. Работата е тој да се смени“. Контрапунктот гласи дека светот не може да се промени на подобро ако ние прво не го разбереме. Тука паднаа големите иницијатори и на комунистичките и на либералните проекти.
Заклучокот што Ипи го извлекува од овој увид, сепак, не е циничниот став дека значителната промена е или невозможна или неизбежна. Напротив, борбата (за слобода) трае вечно. Ипи верува дека им должи на „сите луѓе од минатото кои жртвуваа сè затоа што не беа апатични или цинични и не веруваа дека работите сами ќе дојдат на свое место ако им дозволите да го следат својот пат“.
Тука лежи нашата глобална мака. Ако мислиме дека работите сами ќе си дојдат на своето место ако ги оставиме да го следат својот тек, ќе завршиме со повеќекратни катастрофи, од еколошки колапс и пораст на авторитаризмот, до општествен хаос и распаѓање. Ипи го изразува она што филозофот Џорџо Агамбен го нарече „храброст на безнадежноста“ – признанието дека пасивниот оптимизам е рецепт за самозадоволство, а со тоа и пречка за секоја значајна идеја и акција.
На крајот од комунизмот, во општеството имаше широко распространета еуфорична надеж дека слободата и демократијата ќе донесат подобар живот; на крајот, сепак, многумина се најдоа во очај. Тука започнува вистинската работа. Конечно, Ипи не нуди лесно решение и во тоа лежи силата на нејзината книга. Таквата воздржаност е она што ја прави книгата филозофска. Поентата не е да се менува светот на слепо; туку, пред сè, да се види и разбере.
*Славој Жижек (Slavoj Žižek) е филозоф и критичар на културата во традициите на хегелијанството, марксизмот и Лакановата психоанализа, со посебен придонес за развојот на политичката теорија, теоријата на филмот и теоретската психоанализа.
Извор: Project Syndicate