„Одлучни сме оваа тема да ја ставиме високо на нашата агенда. Нема да биде едноставно. Треба да ги спроведеме реформите на ЕУ институциите за ова прашање и да ги вреднуваме постигнувањата на земјите кои имаат амбиција да пристапат. Треба да бидеме чесни и да се гледаме очи во очи зашто пристапувањето останува врз основа на заслуги“, истакна претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел на прес конференцијата како завршница на неформалниот самит на ЕУ во Гранада, Шпанија.
Шарл Мишел нагласи дека „се направени значајни чекори во однос на проширувањето и дека се донесени стратегиски одлуки дека на ова прашање ќе биде посветено поголемо внимание“.
– Во однос на тоа проширувањето важни се три прашања: Рамката во однос на тоа што треба да направиме заеднички, за заедничките политики за ова прашање за нашата иднина. Во процесот за одлучување за ова прашање мора да имаме заеднички ставови, и како трето, но не помалку важно како ќе биде поддржан финансиски овој процес , да го обезбедиме буџетот за оваа наша заедничка амбиција.
Претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен на прес конференцијата рече дека „самитот во Гранада беше подготовка за иднината на ЕУ и дека во таа перспектива треба да се гледа дебатата којашто за проширувањето на ЕУ се водеше на неформалниот самит во шпанскиот град“.
– Пристапот е врз основа на заслуги, нема куси патеки. И ние треба да ја направиме нашата домашна задача за да бидеме подготвени да ги дочекаме земјите што сега се кандидати за членки на ЕУ. Во ноември на ова прашање ќе посветиме поголемо внимание, а во проширувањето ќе биде приоритет и на белгиското претседателство во првата пололовина на 2024 година – посочи фон дер Лајен.
Премиерот на Шпанија, како домаќин на самитот и како претседавач со Европскиот Совет со крајот на оваа година на прашање на новинарите потенцираше дека „проширувањето со земјите од Западен Балкан е геостратегиски приоритет на ЕУ“.
– Се разбира, за да стигнеме до тоа пред нас се серија отворени сериозни прашања за кои мора да најдеме одговори. Нема сомневање дека политичката волја постои, дебатата е покрената и идното белгиско претседателство таа тема ја има фиксирано на својата агенда за 2024 година, рече Санчез.
Нешто порано денеска хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ изјави дека декларацијата од Самитот во Гранада содржи параграф за проширувањето на ЕУ и посочи дека лидерите кои присуствуваа на самитот се договориле за „позитивен и отворен јазик за процесот на проширување“.
Пленковиќ, во пресрет на неформалниот состанок на шефовите на држави и влади на ЕУ во Гранада, потсети дека претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел рече дека ЕУ и земјите кандидати треба да бидат подготвени за проширување до 2030 година и оцени дека ова е сигнал дека сите треба да работат.