„Оваа Влада, од почеток на овој инструмент, заедно со новите 35 милиони евра за оваа година, ќе стигне до заокружени 100 милиони евра со кои ве поддржува вас, домашните компании. Но, покрај бројките, со последните измени во 2021 кој предвидува процентуално повисока поддршка во помалку развиените региони, горди сме и што на дело покажавме дека рамномерниот регионален развој не е само празна фраза повторувана од политичари. Тоа го покажуваат бројките со кои измеривме зголемено инвестирање надвор од Скопскиот плански регион“, истакна вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во обраќањето на Инфо сесијата посветена на стопанствениците „Довербата расте“.
Тој додаде дека ако во 2018 година вкупната поддршка во Скопскиот регион изнесувала 45%, во последнава таа е 32%, што значи дека поголемиот процент на поддршка отпаѓа на другите региони.
„Во 2018 во Скопскиот регион се исплатени 85 милиони денари финансиска поддршка, во последната 2022 година се исплатени 456 милиони денари. Тоа е зголемена финансиска поддршка за 5 пати“, потенцираше Битиќи.
Тој додаде дека поддршката во останатите помалку развиени региони, се зголемува за 9 пати, или од 105 милиони денари, на 953 милиони денари поддршка, за истиот период. Имајќи предвид дека овие измени се донесени пред само две години, Битиќи заклучи дека очекува овој позитивен тренд на зголемување на развојот на регионите низ цела држава, да продолжи.
„Мојата заложба како вицепремиер, но и предходно како советник на премиер, секогаш била насочена кон реструктуирање на нашата домашна економија. Без разлика дали говориме за Планот за економски раст од 2018 година генерално, или конкретно за овој Закон, целта е истата и таа е многу јасна, а тоа е засилената поддршка и развој токму на вашите преработувачки компании со која вие создавате дополнителна вредност. За вас, за вашите вработени, за граѓаните, за нашата конкурентна Европска економија“, истакна вицепремиерот на Инфо сесијата посветена на стопанствениците „Довербата расте“.
Тој посочи дека токму поради свесноста на оваа Влада за улогата на стопанствениците во општеството, постојат инструментите како што е Законот за финансиска поддршка на инвестиции, кој е и главната тема на инфо сесијата и низ бројки го опиша патот којшто бил заедно, пред да тргне кон иднината.
„Низ бројки, ако до 2017 имавме нула поддржани домашни комапнии, денеска поддржуваме 919 домашни компании. На тој начин можам да кажам дека заложбите за негување на моторите кои ја движат нашата економија, вродуваат со плод. Тоа е достигнување кое нескромно го припишувам на овој потфат, бидејќи најмалку 12 а можеби и повеќе години предходно не се случуваше“, потенцираше Битиќи.
Тој заклучи дека овој успех не го припишува еднострано само на контото на институциите и дека стопанствениците преку овој Закон досега инвестирале половина милијарда евра и токму затоа, овој реален заеднички успех ќе продолжи и понатаму, како влог во она што е наше, заедничко и ни значи на сите.