Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ГЛЕДАЈ, ЧИТАЈ, СЛУШАЈ: Лексикон и изложба на слики, концерт на виолинистот Роман Симовиќ, албум на Филип Букршлиев Трио, филмови на Џон Џост

За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела ви препорачуваме изложби, лексикон на сликари, концерти на класична и џез-музика, филм. Гледајте, читајте, слушајте…

Изложба и промоција на „Лексикон на странски сликари во Македонија 1850-1950“

На 17 октомври (вторник) со почеток во 19 часот во галеријата при Домот на Занаетчии во Куманово ќе се одржи промоција на „Лексикон на странски сликари во Македонија 1850-1950“, проследена со изложба сочинета од околу 30-тина дела од овие сликари кои се од приватната колекција на Влатко Милошевски.

Влатко Милошевски

„Лексиконот на странски сликари во Македонија 1850-1950“ во неговото интернет и печатено издание е дело на Влатко Милошевски, ИТ експерт и галерист и новинарот Зоран Андонов. Пасијата на Милошевски да го обединува личниот афинитет за уметноста и вештината во пласманот на новите медиуми резултираше со собирање на сите достапни информации за активностите на странските сликари, илустратори, графичари, скулптори и уметнички фотографи кои што ја посетиле Македонија и создале уметничко дело инспирирано од земјата, културата, традицијата, природата или историските настани во Македонија и македонските етникуми во периодот помеѓу 1850 и 1950 година.

Како додаток на оваа изложба ви го препорачуваме за читање фељтонот што Рацин.мк го објави во март годинава. Во него беа претставени повеќето дела од приватна колекција на Милошевски и настанокот на „Лексиконот на странски сликари во Македонија 1850-1950“.

Постхумна изложба на ликовниот уметник Ристо Соколов

В понеделник, на 16 октомври, со почеток од 20 часот, во МКЦ – Скопје ќе биде отворена постхумна изложба на познатиот кавадаречки и македонски ликовен уметник Ристо Соколов – Сокол (1957 – 2015) од Кавадарци. Изложбата носи наслов “Некогаш и денес“. Станува збор за неговиот последен официјален работен циклус на реализирани ликовни дела, кои досега не се изложувани во Скопје.

Соколов (роден на ден Велигден, 16 април 1957 година, с. Дреново, Кавадарци), училиште за применета уметност – отсек графика завршил 1978 година во Скопје, а дипломирал на Факултетот за ликовна уметност, на отсекот графика кај проф. Димитар Малиданов и графички дизајн кај проф. Костадин Танчев Динка во 1988 година, како студент на генерацијата.

Автор е на десетина самостојни и групни изложби.

Почина на 14 февруари 2015, на Ден Свети Трифун. Постои мит дека големите луѓе си ги бираат датумите на раѓање и заминување. И денес неговите долгогодишни пријатели, соработници и соборци ги одбележуваат “двата“ негови родендени. Официјалното одбележување е на 16 април секој година преку Меморијалната манифестација “Пријателите за Ристо“.

Досега се оддржани осум изданија на манифестацијата, на различни простори низ Кавадарци, од клубови, ресторани, галерии, преку институции до отворени простори за првпат искористени за било каква културна и уметничка пригода.

Концерт на виолинистот Роман Симовиќ и камерниот оркестар „Профундис“ во Филхармонија

Виртуозниот Роман Симовиќ – концерт-мајстор на Лондонската филхармонија и камерниот оркестар „Профундис“, под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ, ќе настапат на концертниот спектакл „РОМАН“ на 16 октомври во големата сала на Македонската филхармонија со почеток во 20:30 часот.

На големата сцена на Филхармонија ќе прозвучат делата на тројцата најголеми британски композитори Вилијам Волтон, Вилијам Лојд Вебер и Ралф Вон Вилијамс, како и спектакуларните 4 годишни времиња од Астор Пјацола. Сето ова, проткаено со финеси и грациозност само какви што може да отсвират Роман Симовиќ и „Профундис“ се гаранција за концертен спектакл кој со сигурност ќе ги воодушеви присутните.“ – изјави Ѓурѓица Дашиќ, уметнички раководител на камерниот оркестар.

Роман Симовиќ има брилијантна кариера. Настапувал во „Карнеги Хол“, големата сала на Конзерваториумот „Чајковски“, салата „Марински“ во Санкт Петерсбург, Операта во Тел Авив, салата „Викторија“ во Женева и многу други. Добитник на престижни награди. Како солист настапува со водечки оркестри во светот.Тој е визитинг професор на Кралската академија во Лондон и има огромно искуство како педагог. Често е раководител на мајсторски курсеви во САД, Велика Британија, Јужна Кореја, Јапонија, Австралија, Италија, Шведска, Швајцарија.Има издадено бројни цедеа, но се издвојуваат четири на кои тој е уметнички раководител на гудачите на Лондонскиот симфониски оркестар снимени за ЛСО-лајв, како и неговото цеде со Виолинските каприси од Паганини за соло виолина. Симовиќ е концерт-мајстор на Лондонскиот симфониски оркестар од 2010 година. Свири на виолина изработена од Антонио Страдивари во 1709 година која му е позајмена од филантропот и колекционер на инструменти Џонатан Моулдс.

Инаку, камерниот оркестар „Профундис“ уметникува на македонската културна сцена веќе четири години, а на оваа прва официјална средба со новинарите беа презентирани и најистакнатите проекти на овој уметнички состав низ годините.

Музика: Албум „All the Sad Words in the Beggar’s Dictionary“ на Filip Bukrshliev Trio

Во пресрет на 42. Скопски џез фестивал, кој ќе се одржи од 19 до 22 октомври, в петок (13 октомври) во Аудиокултура (ул. Хелсинки 13) ќе се одржи промоција на новото CD-издание на SJF Records (50-то по ред), албумот „All the Sad Words in the Beggar’s Dictionary“ на Filip Bukrshliev Trio.

Станува збор за 9 композиции кои им пркосат на конвенционалните обрасци за стилска и жанровска дескрипција, резонирајќи во блескавите лавиринти на инспирација на нивниот креатор, чудесниот гитарист и композитор Филип Букршлиев.

Албумот „All the Sad Words in the Beggar’s Dictionary“ претставува своевидна звучна сеанса, која ги повикува слушателите да ги дешифрираат неговите таинствени кодови. Оваа сонична загатка го спојува церебралното со висцералното, предизвикувајќи го слушателот да го декодира нејзиниот криптичен јазик и да ја прифати нејзината внатрешна дисонантна убавина.

Триото го сочинуваат: Филип Букршлиев (гитара), Андреа Мирческа (контрабас) и Славчо Коцев (тапани и перкусии), а на албумот гостува и Констатин Хаџи Коцев (пијано и синтисајзер). Композициите се снимени, миксани и мастерирани во април годинава од Ивица Јанкуловски во скопското студио „Алшар“. Дизајнот на омотот е дело на Филип Коруновски. Извршен продуцент на изданието е Оливер Белопета.

Промоцијата, којашто е дел од придружната програма на 42. Скопски џез фестивал, ќе биде зачинета со мини-настап во живо, во кој триото на Филип Буркшлиев ќе претстави дел од материјалот на новиот албум.

Филмови на Џон Џост во Кинотеката

Циклусот филмови на Џон Џост, што беше на програмата на Кинотеката конкрајот на минатиот месец, на некој начин продолжува и наредната недела. Џон Џост (Jon Jost) е американски независен филмски автор кој го негува експерименталниот стил.

На 14 октомври (сабота) со почеток од 20 ч. ќе биде прикажан „Пасажи“ од 2006 година, а на 15 октомври (недела) во 20 ч. ќе биде прикажан „Доаѓање до условите“ (2013).

„Пасажи“ е визуелна оркестрација слична на музиката, направена во речиси целосно апстрактна форма, иако целиот материјал е снимен со камера, сликите на екранот честопати се непрепознатливи и многу апстрахирани. Структурата на делото е составена на начин поврзан со музиката, со повторливи мотиви, пасуси со различни темпо, движењата се формирани за да обезбедат траекторија низ времето.

„Пасажи“ е филм, медитација за процесот на прифаќање на суровата реалност на животот – и за авторот и за неговата ќерка.

Поставен како фикциска приказна, “Доаѓање до условите” е размислување за смртта и нејзиниот психолошки влијание врз скршеното и поделено семејство. Неговата формална структура е далеку од нормалното раскажување приказни во кино.

Во филмот во кој Џост е продуцент, сценарист, режисер, монтажер и кинематографер, играат: Џемс Бенинг, Кетрин Санела, Сетфен Тејлор, Роксан Роџерс и Рајан Харпер Греј.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново