Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Израел е подготвен да дејствува насекаде на Блискиот Исток

Портпаролот на израелската армија, контра адмирал Даниел Хагари, денеска изјави дека армијата ќе дејствува „насекаде на Блискиот Исток“, додека продолжува војната против Хамас на југот и честите судири на северот од границата со Либан.

-Израелските одбранбени сили ќе оперираат насекаде на Блискиот Исток за да ги постигнат своите безбедносни цели. Ние сме високо подготвени за сите фронтови, рече Хагари.

Претходно, либански Хезболах ја презеде одговорноста за третиот напад од утринава со наведувана противтенковска ракета на северната граница на Израел. Целта, според Хезболах, бил израелски тенк.

Израелската армија го потврди нападот врз војниците и додаде дека ќе одговори со напади врз контролните пунктови на Хезболах.

Едно лице загина, а три се ранети претходно од истрелана ракета врз израелскиот град Штула во близина на границата.

Американските медиуми го пренесуваат соопштението на израелската служба за итни случаи во кое се наведува дека во нападот е убиен 40-годишен маж, но не ја открија неговата националност.

Хезболах соопшти дека нападот врз Штула е одговор на израелското гранатирање во кое во петокот загина новинар на Ројтерс и уште двајца либански цивили вчера.

Зачлени се на нашиот е-билтен