Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Бектеши: Очекуваме намалување на цената на струјата од јули

Согласно домашните капацитети за производство на електрична енергија и анализите од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) не очекуваме да има зголемување на цената на електричната енергија од 1 јули годинава, рече министерот за економија Крешник Бектеши на денешниот брифинг со новинарите заедно со директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски.

„Ние сме во координација и со Регулаторната комисија за енергетика која е надлежна за цените на електрична енергија. Веќе се прават одредени анализи и се анализираат до детали одредени опции и со факултетите и со експерти за да се менува начинот на утврдување на цената на електрична енергија. Согласно капацитетите што ќе ги имаме во мај и јуни и јас сум убеден дека сите одлуки ќе бидат донесени во насоки да се зачува животниот стандард на граѓаните и да се поддржат малите и средни компании. Од 1-ви јули не очекуваме да има зголемување на цената на струја. Очекуваме да има дополнително намалување како што направивме од 1-ви јануари согласно производството на ЕСМ, како и движењето на цените на берзите“, вели министерот.

Во однос на компаниите од прехранбениот сектор кои што добија повластена цена на електрична енергија и кои не ги намалиле цените согласно договореното со Владата, како што кажа министерот, се прават анализи и можно е да се соочат со губење на оваа поволност.

„Тоа ќе се знае на крајот на месецов согласно податоците од Државниот пазарен инспекторат. Оние што ги намалиле цените ќе продолжат да ја користат таа поволност. На дневна база разговараме со стопанските комори и со одредени сектори од индустријата, особено производителите на домашни прехранбени производи. Во случај ако нема дополнително намалување ќе се доведеме во ситуација тоа да се укине како поддршка од страна на Владата, затоа што целта на поддршката што ја даде Владата на барање на стопанските комори беше да се влијае во делот на намалувањето на цените на основните прехранбени производи“, појасни Бектеши.

Очекувањата беа намалувањето да се движи од 7 до 13 проценти.

Најново