„Во 2030 година ќе има нови членки на Европската Унија. Штета е Северна Македонија да не биде во тие нови членки, бидејќи долго сме се бореле и работеле на ова прашање. Ние работиме во 2030 кога ќе има нови членки да бидеме меѓу нив“, рече вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во Дневникот на МТВ.
Тој додаде дека е тешко да се објасни на граѓаните зошто не сакаме да го продолжиме нашиот пат кон ЕУ и дали навистина вреди поради внесувањето на неколку заедници во Преамбулата на Уставот да си ја блокираме државата.
„Убеден сум дека ќе преовлада разумот и убеден сум дека дел од пратениците на опозицијата ќе ја сфатат тежината на оваа одговорност и ќе ја донесеме одлуката. Придобивките ќе бидат за сите нас. Овој процес надминува мандат на било која влада, а придобивки ќе имаат граѓаните и државата“, истакна Маричиќ.
Вицепремиерот додаде дека без разлика на политичката стратегија, ставови, позиции, па и инает, во овој момент важно е сите да ја сфатат одговорноста поради граѓаните.
Пакетот за ЕУ ќе се формира, Украина и Молдавија ќе почнат преговори, да не ја испуштаме шансата
„Патот кон ЕУ ќе продолжи, пакетот ќе се формира. Очекуваме и Украина и Молдавија да добијат отворање на преговорите и тие што се подготвени ќе продолжат“, рече вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во Дневникот на МТВ.
Тој додаде дека земјава повеќе пати испуштала шанса за продолжување на патот кон ЕУ и тоа секогаш било на наша штета.
„Ако останеме ние во чекалната, а останатите продолжат, повторно ќе биде на наша штета. Ние почнавме со Хрватска, а Хрватска сега е десет години членка, влезе во еврозоната и Шенген“, предупреди Маричиќ.
Вицепремиерот додаде дека не смееме да ги пропуштаме шансите и приликите бидејќи тоа е изгубено време за државата и за младите.