Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Каевски: ВМРО-ДПМНЕ одби заеднички фронт за брзи преговори по примерот на Хрватска и за членство во ЕУ до 2030

ВМРО-ДПМНЕ одби да биде дел од заедничкиот фронт за брзи преговори по примерот на Хрватска и за членство до 2030 година, истакна пратеникот од СДСМ Дарко Каевски во „24 Анализа“ на ТВ24.

„Можеме да бараме забелешки на се и сешто, на било кој процес, да најдеме одредена маана, и да си бараме причина да гласаме или да блокираме и опструираме. Но, кога се работи за интересот на граѓаните, кога се работи за нешто коешто ќе не движи напред, нешто што ќе го подобри животниот стандард во државата, сметам дека треба да се тргне настрана и политиканството и ситни политички поени коишто опозицијата се обидува да ги направи без притоа да има еден суштински аргумент“, истакна пратеникот од редовите на СДСМ Дарко Каевски на „24 Анализа“ на ТВ24.

Тој додаде дека приказните за бугарски диктати како и приказните дека не биле консултирани, паѓаат во вода со многу изјави и факти коишто се случиле во минатото, а тоа впрочем сите добро го знаат.

„Имаше покана да учествуваат во делот кога се формираа работни групи коишто ќе преговараат за преговарачката рамка. На прес-конференција, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ вели „нема да учествуваме“. Ги повикувавме за се и сешто, за се можно, а тие рекоа дека ќе блокираат затоа што сметаат дека така ќе се чукаат во гради и ќе се обидат да добијат некој политички поен и на тој начин да успеат да дојдат на власт“, заклучи Каевски.

Каевски посочи дека опозицијата била повикана да се вклучи во процесот, но консензус се прави само со партија која мисли добро на државата, нагласи тој.

„Консензус се прави со искрена политичка партија која мисли добро на државата, која нема да опстуира и блокира се што може да се блокира. Ги повикавме во сите процеси да учествуваат“ рече пратеникот од СДСМ, Дарко Каевски во „24 анализа“ на ТВ24.

Тој додаде дека имаше и лидерска средба на која лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски блефираше и рече дека ќе гласаат за уставните измени доколку ДУИ излезе од Влада, има одложено дејство на уставните измени и им се дадат одредени министерски места.

„Покрај тоа, ние го понудивме и премиерското место, но пак почнаа да кочат. Од самиот почеток ја повикавме опозицијата да учествува во овој процес, бидејќи е важен за државата и за граѓаните и заеднички треба да го добиеме тоа што треба“, рече Каевски.

Пратеникот додаде дека предлогот на СДСМ бил да се направи заеднички фронт, налик на тоа што се случи во Хрватска, за пократко да траат преговорите и до 2030 Северна Македонија да стане членка на ЕУ.

Зачлени се на нашиот е-билтен