Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Водечката партија на анкетите во Холандија не ја исклучува можноста за влада на десницата 

 Питер Омцигт, лидер на новоформираната холандска партија Нов социјален договор (НСЦ), која води на анкетите во пресрет на предвремените парламентарни избори во Холандија закажани за 22 ноември, изјави дека не ја исклучува можноста за формирање постизборна малцинска владина коалиција на партиите десно од центарот. 

Омцигт ја формираше популистичката партија Нов социјален договор (НСЦ) во август годинава, откако ја напушти десноцентристичката Христијански демократски повик (ЦДА). 

Според Омцигт, таквата потенцијална коалиција на десницата, покрај неговата НСЦ, би ја сочинувале и конзервативно-либералната Народна партија за слобода и демократија (ВВД) на актуелниот премиер Марк Руте, потоа ЦДА, десно популистичкото Движење Земјоделци-граѓани (БББ), христијанската фундаменталистичка Реформска политичка партија (СГП) и екстремно десничарската пратија Точен одговор 2021 (ЈА21). Омцигт во оваа влада не ја гледа националистичката десничарска Партија на слободата (ПВВ), бидејќи, според него, таа е „премногу далеку од принципот на владеење на правото“. 

Сепак Омцигт, не посочи дали тој би се нафатил да предводи таква влада како премиер, додавајќи дека се отворени сите опции. 

Според последните анкети на јавното мислење, НСЦ би освоила 30 пратеници, пред ВВД со 26, коалицијата на Лабуристичката партија (ПВДА) и Зелената левица (ГЛ) со 25 и ПВВ со 19 мандати. Натаму следува БББ со девет пратеници, пред либералната партија Демократи 66 (Д66) со седум, десничарскиот Форум за демократија (ФВД) и Партијата за правата на животните (ПВДД) со по пет и ЦДА, левичарската Социјалистичка партија и прогресивната партија Волт со по четири мандати. Места во идниот холандски Парламент се очекува да освојат уште шест партии, кои би имале меѓу еден и три пратеници. 

Зачлени се на нашиот е-билтен