Антонио Грујевски со неговиот проект „Лотос за неа: Одржлива оаза во градскиот парк во Скопје“ го доби првото место на конкурсот „Скопје на новата генерација”, организиран од страна на Јуроп Хаус Скопје. Конкурсот беше отворен за млади архитекти и урбани планери кои имаа задача да придонесат за повторно замислување на урбаното ткиво на Скопје.
Во конкурсот учестуваа 12 тимови на млади архитекти кои дадоа инвоативни и одржливи решенијја за скопските културни знаменитости. Изложбата, составена од проектите од конкурсот, беше отворена денеска во централната Пошта во Скопје, во знак на 60-годишнината од скопскиот земјотрес и четвртиот роденден на Јуроп Хаус Скопје. Изложбата ќе биде отворена за посетители до 16 ноември.
Проектот на Грујевски е за локацијата фонтана „Лотосов лист“ во градскиот парк. Второто место го добија Даниела Василева, Сара Велеска и Сара Трајкова со проектот „Преосмислување на брановите во боја“, на локација кеј „Димитар Влахов“ на реката Вардар, од зградата на МАНУ до бензиската на „Макпетрол“. Третото место пак, го добија авторите Натали Велеска, Ален Цветковски и Дона Митровска со проектот „Спинекс“, за локација улица „Пластичарска“.
Иницијативата има за цел да ги реши проблемите со напуштените и отуѓени јавни површини кои можат да се обноват за новата генерација. Поддршка дадоа катедрите по архитектура од универзитетите Архитектонскиот факултет при УКИМ – Скопје, Меѓународниот балкански универзитет, Универзитетот Американ Колеџ Скопје, како и МИТ Универзитетот.
Добитникот на првото место Антонио Грујовски во своето обраќање вечерва на отворањето на изложбата, посочи оти е благораден на евроамбасадорот кој го препознал ова негово прво индивидуално дело со кое учествувал на натпреварот.
-Целта беше да ја „зачинам“ нашата архитектонска сцена. Морам да забележам дека за еден месец сме во Скопје 2024, а речиси сите политичари и дел од нашите колеги уште зборуваат за Скопје 2014. Светот се движи напред, Европа се движи напред. Имаме предизвици со климатските промени, со енергетската независност и со еко-загадување на кое мора да се фокусираме и да се придружиме кон визиите на Европската Унија, рече Грујовски.