„Револуционерниот терор“ во Собранието беше инструментализиран. Сега изгледа сосем јасно дека Левица и ВМРО-ДПМНЕ ќе водат силна битка кој подобро да се претстави како единствен претставник на народот и неговата волја
Пишува: Љупчо ПОПОВСКИ
Гневот што двајцата пратеници на Левица во понеделникот го излеаја на собраниската говорница против новиот Деловник беше инструментализиран. И изгледаше однапред подготвен. Обично, гневот се раѓа како вулкан од некои непредвидени и шокантни ситуации. Но овој гнев беше во фаза на подготовка најмалку десетина дена. Затоа и не делуваше како изненадување. Она што во одредена мерка ја зачуди јавноста е промената во манифестацијата на тој гнев.
Димитар Апасиев досега беше знаменосецот на острите, некогаш проникливи, но многу често навредливи настапи од собраниската говорница, а и со своите објави на социјалните мрежи. Неговиот аѓутант, или офицер за врска, Борислав Крмов, главно ја имаше улогата на логистичка поддршка. Но вчера тој исчекори од сенката за да претстави една троцкистичка визија на неговата партија – државата треба да се размонтира и тоа демолирање треба да почне од Собранието.
На многумина им изгледаа апсурдни снимките кога Крмов го крши мониторот на пултот на спикерот, како тој и Апасиев му фрлаат в лице на собранискиот потпретседател Горан Мисовски купишта хартија на кои се испишани двете илјади неважечки амандмани, како во продолжението на седницата „аѓутантот, или офицерот за врска“ гази на земја друг монитор, како да е мониторот „претставник“ на некакво неидентификувано зло.
Многу работи сме се изнагледале во Собранието, од ужасниот 24 декември, преку кошканици, некој обид за бокс, славното истурање вода на Груевски пред Џафери, па несоодветните реакции на Арбер Адеми. Некои биле инстантни реакции, за некои имало нејасен план. Но оваа трансендентална троцкистичка претстава на ова левичарско „дуо трио“ изгледаше како однапред добро подготвена претстава. Бесното кршење на мониторот требаше да биде само шлагворт. Удирањето печат на Апасиев со неговиот чевел требаше да заликува на случката со Џорџ Буш и Ирачанецот, како што тој спомена. Но ја утна поентата, бидејќи ако сакаше да изгледа „верно на оригиналот“ требаше да го фрли чевелот кон Мисовски. Вака излезе како еден сценски обид да се копира славното удирање со чевел на советскиот лидер Никита Хрушчов од 1960 на масата пред него во Генералното собрание на Обединетите нации. До ден-денешен не е сосем јасно дали тоа удирање со чевелот навистина се случило (нема фотографии, ниту видео запис), но сеедно, приказната изгледа општо прифатена како вистинска.
„Печатите“ што ги удираше Апасиев со чевелот се вистински, иако лажни, нив ги вие целата јавност. Сега главното прашање е на колку гласачки ливчиња на следните избори ќе биде ставен овој невидлив жиг. Левица се обидува да го прави она што го правеше партијата Самоопределување на Албин Курти во Косово со чадните бомби и други инциденти. Таа стратегија, најпосле, му донесе успех на Курти и тој сега е премиер.
Бидејќи вчера глобалната јавност беше под впечатокот и на изборот на ексцентричниот економист Хавиер Милеи за претседател на Аргентина, можеби десничарите од Левица помислија дека скандалите се рецепт за успех во политиката. Прекарот на Милеи во Аргентина е El Loco (Лудиот), тој сака да ја укине Централната бнка, националната валута да ја замени со доларот. Фламбојантниот Милеи, омилениот учесник во телевизиските дебатни емисии (заради зголемување на гледаноста на програмите) раскажуваше како бил чест учесник во групен секс и им даваше совети на гледачите како најдобро да постават во ваквите калигулини забави.
Не знаеме до каде можат десничарите од Левица да ги поместат границите во кампањата што ја почнаа. Тие се обидоа да предизвикаат голема контроверза кога нивната врвна делегација отиде на гробот на Енвер Хоџа во Тирана, за веднаш да се испостави дека тоа беше скандал на погрешна нога.
Но она што сега изгледа јасно е дека тие со ВМРО-ДПМНЕ ќе водат силна битка кој подобро да се претстави како единствен претставник на народот и неговата волја. Во денешното соопштение на Левица по вчерашниот инцидент наведен е стожерот на кампањата: „Македонскиот народ, под деценискиот притисок на овие човекојадци од СДС-ДУИ-ДПМНЕ го пронајде во своите редови оружјето со кое ќе се одбрани од оваа ламја со три глави – преку партијата на народните маси Левица, во антифашистички и народен фронт подготвен за финална пресметка“. „Финална пресметка“ или „конечно решение“, како сакате.
Бидејќи Левица се обидува да го „грабне нивниот народ“, ВМРО-ДПМНЕ официјално го оцени инцидентот како „евтина провидна и договорена драма меѓу Апасиев со ДУИ и СДС“. Од СДСМ велат дека нема никаква разлика меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Левица, дека тие се „лонче и капаче. Дивеењето на Левица во Собранието е потврда на она што го говориме цело време. Со Левица и нивниот коалициски партнер ДПМНЕ можни се само инциденти, насилства и хаос“.
Ваквите меѓусебни обвинувања на мејнстрим партиите во значајна мерка ѝ конвенираат на Левица. Таа од противниците е поставена во центарот на приказната, другите се променливи сателити. Но колку вистински ќе ѝ помогне на изборите, тоа е прашање за комплициран одговор. Анкетите велат дека може да го удвои бројот на пратениците, иако е забележливо дека нивниот раст веќе една година е запрен. Време е да се размрдаат поддржувачите кои можеби подзаспале. Време е да се добијат нови гласачи и да се изгубат некои потенцијални. Апасиев и Крмов веруваат дека добивката ќе биде поголема од загубата ако вербално го промовираат „револуционерен терор“, а фактички кршат монитори и други нешта во Собранието. Понеделничкиот инцидент беше големо коцкање. Каква сметка ќе биде испорачана ќе видиме за неколку месеци. (Независен)