Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Истражувачка сторија на Топ чанел: Бугарија со закани, притисоци и поткуп ја асимилира македонската заедница во Албанија

Истражувачката програма „Inside Story“ на албанската телевизија Топ чанел емитуваше истражувачка сторија за тоа како Бугарија и се заканувала на Албанија и се мешала во пописот во Албанија во 2023 година со закани, подароци, притисоци и мито, за асимилација на македонската заедница во Албанија, јави весникот „Македониум“.

Откако наведува дека Грција и Бугарија и се заканиле на Албанија со блокирање на евроинтеграцискиот процес, констатира дека „овие закани ставиле црна дамка и на овој процес, кој требаше да се заснова на исполнување на условите за членство, а не на егото на соседните земји да искористат на грбот на Албанија“.

-На север, во областа Гора, но и во Голо Брдо и Пустец, преку различни форми, Бугарија врши притисок врз граѓаните, барајќи од нив да се изјаснат со бугарско потекло. Првично, плановите за фиктивен раст на малцинството имаа сценарио на закани кон официјална Тирана со интеграциската карта. Денеска се следи нова стратегија со делење бугарски пасоши на албанските граѓани. Документ кој носи придобивки како земја членка на европскиот блок, се наведува во сторијата.

Во Албанија, прашањето за етничката припадност има висока чувствителност ако се земат предвид плановите и сценаријата на соседите вештачки да го зголемат бројот на малцинствата. Барем овие притисоци беа постојани од Грција и Бугарија, кои имаа за цел да го зголемат бројот на нивните малцинства што е можно повеќе

-Етничката припадност е очигледно во услови на чувствителност поради вештачкиот притисок на две земји многукратно посилни како Грција и Бугарија за да извадат бројки кои се нереални изјавил Ардит Бидо, директор на Државниот архив на Албанија.

Поради животниот стандард, немањето инфраструктура, селата во кои живеат Гораните во околијата Кукс се оставени на милост и немилост, без телефонска мрежа, без интернет и без патишта. Единствена опција им е Косово, на која и се обраќаат за лекарска помош, а оттаму успеваат да дојдат до интернет, кој го користат за комуникација со децата кои се иселени. Патот од Кукс до Запод минува меѓу планините на тежок, неасфалтиран терен и не се одржува.

Главно економските причини се главните причини за аплицирање и обезбедување бугарски пасоши.

-Сите се заминати, тука нема што да правиме. Што ќе гледате? Овде ќе најдете само старци, вели жител на Гора.

Се посочува дека во 11-те пописи спроведени во албанската држава, во ниту еден од нив не излегува дека во Гора има бугарско малцинство и се додава дека друга причина која се користи од бугарската држава се инвестициите во овие области, главно во училишта со информатички кабинети, обезбедување на транспорт за учениците, дидактички алатки, стипендии за студирање во Бугарија и други.

-На овој попис се вршеше притисок од бугарската држава. Овде дојдоа личности од бугарската држава, дојдоа и во Пустец, во областа на Преспа, дојдоа и во областа Голо Брдо и Гора, каде вршеа притисок и пропаганда за промена на етничкиот идентитет, вели Ефтим Митревски, потпретседател на партијата Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ и одговорен за односи со јавноста во општина Пустец.

На 15 септември 2023 година, потпретседателката Илијана Јотова даде изјава по средбите со албанските власти, каде што тесно се фокусира на пописот и интересот за декларирањето на етничката припадност од страна на бугарското малцинство.

-Добив гаранции од највисоко ниво дека националниот попис на населението во Албанија ќе се врши според највисоките европски стандарди, со почитување на правата на сите етнички заедници, вклучително и на бугарската. Ова е првиот попис од официјалното признавање на бугарското национално малцинство во 2017 година, изјавила Јотова.

На сите средби Илијана Јотова беше придружувана од Спас Ташев, член на Бугарската академија на науките.

На 30 септември 2023 година, бугарскиот професор на својата Фејсбук страница објави фотографии од пописниот лист во Албанија. Спас Ташев континуирано се залага за исполнување на целта за зголемување на статистиката на бугарското малцинство во Албанија. На еден форум во 2020 година, тој силно побара од дипломатијата на неговата земја да биде активна во Албанија, бидејќи областите за кои тие тврдат дека имаат малцинство нема да се попишат за Бугари, се наведува во сторијата.

Се повикуваше на пилот попис, се додава во сторијата, од 2019 година каде во Преспа само едно лице се изјаснило како Бугарин. Всушност, овој пилот попис се одржа за потребите на Заводот за статистика и податоците не беа објавени.

-Чудно е како Бугарија знаела за резултатот кој содржел доверливи податоци за внатрешна употреба на Заводот за статистика. Ова открива не само зголемен интерес, туку пред се пенетрација во албанските државни структури, забележува телевизијата.

Тука сме во малата општина Пустец каде живее мало македонско малцинство, наведува понатаму Топ чанел и потсетува дека некогаш локалната единица се именува како општината Лиќенас, а која иако не ги исполнувала критериумите да биде општина, на поранешната општина Лиќенас и беше вратено името во општина Пустец поради почитување на правата на малцинствата.

Во сторијата се констатира дека „Во оваа мала општина се спушти судирот меѓу Бугарите и Македонците“. -Последниве тврдат дека бугарската држава се обидува да влијае врз граѓаните да се изјаснуваат како Бугари. И во ова област младите имаат емигрирано со бугарски пасоши, се додава во сторијата.

-Сите млади си заминаа. Сега има притисок од Бугарија, ако не се изјасните како Бугари, ќе ви ги земеме пасошите. Сега луѓето се плашат, вели жител на Пустец.

Инвестициите од Бугарија оставија видлив белег во здравствениот дом во областа, но и на донираното противпожарно возило. Градоначалникот наведува дека општината аплицира за добивање средства не само од Бугарија и Македонија, туку и од разни држави и непрофитни здруженија, но очигледно бугарскиот фактор е наметнат преку инвестиции.

-Имавме неколку проекти кои се од невладини асоцијации, а не од бугарската влада. Не имаат поддржано во неколку проекти, на пример, носење противпожарно возило, амбулантно возило, и во други работи, на пример, помагаа во опремувањето на некои училишта со клупи, изјавил Пали Колефски, градоначалник на општина Пустец.

Васил Стерјовски, поранешен пратеник со македонско потекло, од партијата Македонска алијанса за европска интеграција, за Инсајдстори вели дека Бугарија се вмешала во пописот кршејќи ја Виенската конвенција. Додава дека на жителите им се поделени електронски помагала се со цел да се попишат за Бугари.

Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства на Советот на Европа, страница 8 точки 10 и 11 вели: Идентификацијата со национално малцинство што е мотивирано само од желбата да се добијат посебни предности или бенефиции, на пример, може да биде спротивно на принципите и целите на Рамковната конвенција, особено ако таквата акција ги намалува предвидените придобивки и права достапни за лицата кои припаѓаат на националните малцинства. Малцинскиот идентитет не треба да се наметнува однадвор.

-Откако почна пописниот процес, имаме брутална интервенција на бугарската амбасада, кршејќи ги правилата на Виенската конвенција. На вториот ден од почетокот на пописот бугарскиот амбасадор отиде во Требиште во Голо Брдо. Училиштето не го прими. Директорот не го примил во училиштето. Администраторот не се согласи да се сретне. Потоа на улица делеа телефони, делеа таблети, ги убедуваше луѓето да се попишат како Бугарин, ќе добиете бугарско државјанство. Истиот процес продолжи и во областа Гора. Минатата недела заменик амбасадорот заедно со вработените отидоа и донираа компјутери и ја правеа истата пропаганда, нагласува Стерјовски.

Претставниците на македонското малцинство побараа од албанската држава да ги прекине посетите на бугарските претставници на различните области каде што има македонско малцинство. Присуството на високи бугарски функционери го сметаат за отворена закана, особено за време на пописниот процес.

– Побаравме поддршка, прво МНР да го повика бугарскиот амбасадор за да му каже да остане во дипломатска рамка и да не ги врши овие притисоци. Потоа и вториот дел побаравме да се мониторираат посредниците на бугарските пасоши, додава тој.

Еден од ликовите, како што наведува телевизијата, кој бил доста присутен е Виктор Стојанов, претседател на фондацијата „Македонија“ од Бугарија. Тој имаше различни јавни објави до закани кон албанските граѓани. Еден месец пред да започне пописот во Албанија, Виктор Стојанов бил во општина Пустец. Тој на својот профил објавил фотографија со бугарското знаме каде напиша „Ги извадивме знамињата во Пустец, Албанија“.

-Уште повознемирувачки е фактот што во своите објави покажа податоци кои треба да бидат доверливи и можат да ги дадат само попишувачите на Заводот за статистика. На 30 септември на својата Фејсбук страница, Виктор Стојанов објави формулар од таблетот за тоа како албанските граѓани се изјасниле на пописот. Повикувајќи се на постовите, одговараат на исто време со неговата посета на административната единица Острени, општина Булќиза. Како бугарскиот екстремист успеал да има фотографии од пописот на населението во Албанија каде граѓаните ја избирале бугарската етничка припадност? Некој од попишувачите или супервизорите ја злоупотребил својата должност со вадење чувствителни податоци и тоа треба да се истражи, се вели во сторијата.

-Македонка сум и јас и мојата ќерка, вели жителка на Пустец за телевизијата.

Топ чанел нагласува дека пописот 2023 траел шест недели и оти постоел притисок од Грција и Бугарија.

-Какви резултати ќе даде, ќе треба време да се види, но „националноста излезе на пазар, беше продадена и купена за само еден ден и ова се виде јасно“. Тешките економски услови, разочараноста и недостигот на инвестиции ги натераа граѓаните да се колебаат во етничкото самоизјавување. Без разлика на сценаријата, игрите за фиктивен раст на малцинствата, националноста не може ниту да се купи ниту да се продаде. Албанија треба да биде слободна земја во која Албанците и малцинствата и секоја етничка група можат да живеат во хармонија и еднаквост како што всушност се случуваше до денес. Никој не треба да се користи како инструмент на злонамерни историски политики кон Албанија, завршува истражувачката сторија на Топ чанел. 

Зачлени се на нашиот е-билтен