– Ќе останам на ваша страна, на страната на Северна Македонија, на нејзината Влада, ќе ве придржувам кон патот на напредокот, кон крајната цел што е членство во ЕУ. Северна Македонија припаѓа на ЕУ, тоа е заедница на вредности, истакна високиот претставник на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија Жозеп Борел, на заедничката прес конференција со премиерот Ковачевски.
Високиот претставник на ЕУ, којшто пристигна во Скопје за да учествува на конференцијата на Министерскиот совет на ОБСЕ го нагласи достигнувањата на Северна Македонија во процесот на евроинтеграциите.
– Кога велам стабилност и мир во Европа тука го вклучувам и Западниот Балкан и во таа насока сакам да ја уважам позицијата на Северна Македонија, вашето непогрешливо целосно усогласување со надворешната политика на ЕУ, вие продолживте со напорите за реформи токму на овој европски пат за вашата земја, потенцираше Борел.
Борел на прес конференцијата ги посочи придобивките од Планот за раст на економиите за земјите од Западен Балкан што го усвои Европската комисија заедно со Пакетот за проширување.
– Имате можност да добиете пристап до важни делови од единствениот европски пазар што е најважната вредност од станувањето членка, а вие ќе можете да пристапите дури пред да станете членка. Ова е прилика која треба да ја искористите. И за тоа имате целосна наша поддршка, подвлече Борел.
Високиот претставник на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија Жозеп Борел, на заедничката прес конференција со премиерот Ковачевски ја истакна улогата на претседателот на Владата на Северна Македонија за ангажманот во аспирациите за членство на нашата земја во ЕУ.
– Oсобено вие премиере лично, вашиот ангажман, вашиот силен ангажман со цел да ја внесете Северна Македонија во ЕУ, вашите напори за реформи се нешто што ние навистина во Брисел многу го цениме, посочи Борел.