Сезоната на (пред)избори е започната, а сликите од Чашка се веќе одамна видени кога станува збор за партискиот пристап на ВМРО-ДПМНЕ кон изборните кампањи. Тие, како што видовме и од објавените видеа во Чашка, се исполнети со говор на омраза. Омразата, како храна за политичка некултура, го поларизира до екстремност јавниот дискурс. ВМРО-ДПМНЕ токму тоа го сака.
Зоран БОЈАРОВСКИ
Во Чашка од општина, ВМРО-ДПМНЕ зготви казан од омраза. Тоа не е Македонија, и тоа што треба да се знае за настаните во Чашка, кои ескалираа во насилство против директорката на локалното основно училиште каде што треба(ше) да се отвори паралелка на албански јазик е многу повеќе.
„Освојување територии“, „Не треба да се отстапи“, „Гледате што се случуваше во Кичево, во Гостивар, во Тетово…“, „Мечката што игра во комшии, ќе ви дојде и тука…“, „Качаците освојуваат територии, дивеат ордите“…
Ова се фрагменти, само дел од говорите што во пресрет на овој настан ги користеше Игор Здравкоски, пратеник од Изборната единица 3, што ја опфаќа и општина Чашка, што за Здравковски е доволно за да го оправда своето учество во потпалувањето на меѓуетничките односи во таа општина.
Дополнителна информација која треба да се има за да се комплетира сликата околу овие активности, се и настаните со ист предзнак, да не се дозволи отворање паралелки на албански јазик во гимназијата во Велес и во училиштето во Јурумлери, за кои внимателните хроничари, укажуваат дека се поттикнати од членови на ВМРО-ДПМНЕ, пратеници и локални активисти на оваа партија.
Колку е дволична и однапред осмислена националстичката кампања на ВМРО-ДПМНЕ илустрира и неодамнешната посета на лидерот Мицкоски на Србија каде што беше во неколку училишта каде е овозможено учениците Македонци да ја следат наставата или дел од програмата на мајчин јазик. Тоа е европски начин, но кога треба истите тие стандарди да се применат во Македонија, тоа е „освојување на територии“, како што тврди пратеникот Здравковски, кој за оваа своја реторика, како што самиот вели, добил „амин“ од врвот на партијата.
Тоа значи дека сезоната на (пред)избори е започната, а сликите од Чашка се веќе одамна видени кога станува збор за партискиот пристап на ВМРО-ДПМНЕ кога станува збор на изборните кампањи. Тие, како што видовме и од објавените видеа во Чашка, се исполнети со говор на омраза. Омразата, како храна за политичка некултура, го поларизира до екстремност јавниот дискурс. ВМРО-ДПМНЕ токму тоа го сака.
За ВМРО-ДПМНЕ говорот на омраза стана редовна алатка за подривање, корумпирање, опструкции и минирање на општествените или политичките процеси.
За нив е сосема природна една таква националистичка кампања којашто ќе се „конфронтира“ и ќе се зајакнува како што ќе се приближуваат изборите. Ако некој се залажува дека тие настани, тој речник, таа иконографија и политичка комуникација се минато, за опозициските пропагандистички манипуланти тоа е картата што добива.
Оттаму, зошто некој би верувал дека ВМРО-ДПМНЕ нема пак да го прави истото, кога национализмот е длабоко спакуван во конзервата на оваа партија.
Ова во Чашка е само најава за на предизборната кампања која потврдува дека ВМРО – ДПМНЕ на голема сцена го враќа национализмот и говорот на омраза во македонското општество.
ВМРО-ДПМНЕ, без разлика на нивните декларации, во кои веќе никој не верува, никогаш не прифати дека концептот „мултикултура и интеркултирализам“ не е само политички проект на само една партија, туку општествена стратегија за да ги одржи во постојан живот вредностите како што се еднаквоста, единството во различностите, недискриминацијата, остварувањето и унапредувањето на правата на сите заедници и подобрување на интеркултурниот дијалог, а со тоа и подобрување на кохезијата на заедниците.