Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Кампања за превенција од употреба на пиротехнички средства: Петардите се опасни, штетни и воопшто не се кул

Кампањата ја реализираат Министерството за внатрешни работи во партнерство со Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија и Црвениот крст

Петардите се опасни, штетни и воопшто не се кул е пораката на кампањата за превенција од употреба на пиротехнички средства „Петарди НЕ – безбедност пред сè“ која денеска ја порача министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на показна вежба која се одржа на плоштадот „Македонија“ во Скопје.

Оваа година кампањата ја реализираат Министерството за внатрешни работи во партнерство со Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија и Црвениот крст.

 – Заеднички имавме можност да ја проследиме оваа показна вежба која секоја година ја организираат СВР Скопје, Одделение за превенција и Црвениот крст на Република Северна Македонија во рамки на кампањата за превенција од употреба на пиротехнички средства во која фокусот се става на ризиците од употреба на петарди и пиротехника со цел да се влијае на подигањето на свесноста на граѓаните за опасностите што произлегуваат од неовластеното користење на пиротехнички средства, изјави Спасовски.

Тој нагласи дека заеднички тимови од Одделенијата за превенција на МВР и лекарите од Клиниката за пластична хирургија овој месец посетија над 50 средни училишта во Скопје, но и во другите градови до државата, каде реализираа повеќе од 200 презентации и превентивни активности при што на над 6500 деца директно им објаснија за последиците од користењето на петарди, како од медицински така и од законски аспект.

 – Петардите не се играчка, нивното користење е строго забрането, а празничното пукање со петарди може да биде исклучително опасно по животот и здравјето, оставајќи екстремно тешки последици кои можат да го запечатат животот на младиот човек. Пораката од сите нас гласи „Петардите се опасни, штетни и воопшто не се кул“, рече Спасовски.

Министерството за внатрешни работи, како што истакна министерот, во рамките на своите надлежности, само минатата година има запленето 86.639 парчиња пиротехника, а оваа година заклучно со ноември имаше околу 21.000 парчиња, а само во последниве десеттина дека се запленети околу 40 илјади најразлични пиротехнички средства и таа бројка уште ќе се зголемува.

 – Овие активности на Министерството за внатрешни работи се континуирани, со засилена динамика пред и околу празниците, имајќи го предвид сезонскиот предзнак на пиротехниката, сѐ со цел да ја зголемиме свесноста кај младите, но и кај нивните родители, укажувајќи дека петардите не се играчки, туку опасни средства кои можат да нанесат ненадоместливи и трајни последици по здравјето на младите, нагласи тој.

Спасовски констатираше дека со спроведените интензивни кампањи и превентивни активности, минатата година помина без ниту една регистрирана повреда од петарди и пиротехнички средства, а  МВР и годинава продолжува да дејствува во таа насока.

 – Апелирам да не си играме со здравјето и со животот на граѓаните, посебно на нашата млада популација која е пред се иднината на државата, рече министерот и нагласи дека посебно внимание треба да обрнат возрасните, родителите коишто им овозможуваат на децата да купуваат пиротехника и притоа да ја користат.

Министерот апелира и до граѓаните да внимаваат во однос на употребата на алкохол при возењето заради безбедноста во сообраќајот.

Директорката на Клиниката за пластична и реконтруктивна хиругијата, Софија Пејкова,  истакна дека фокусот на кампањата е колективно да се подигне свеста за опасностите од употребата на петарди, со цел да се спречат повредите и трајните компликации од нив.

 – Алармантен е фактот дека најголем ризик за повреди од петарди се рацете, кои се од суштинско значење за нашите секојдневни активности. Дури и мала експлозија може да доведе до траен инвалидитет, што понатаму влијае и на физичките способности и на емоционалната благосостојба, истакна Пејкова и нагласи дека најголем дел од лицата повредени од вакви ситуации се адолесценти.

Генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити истакна дека Црвениот крст во пресрет на новогодишните празници, кога се забележува поголема употреба на пиротехнички средства,  се приклучува кон кампањата на МВР, насочена кон целокупната популација со цел да се подигне јавната свест за опасностите кои се јавуваат од употреба на петарди.

 – Во сферата превенција, нашите волонтери ќе ги нагласат негативните последици кои може да настанат како последици од употреба на петарди, ќе се симулираат повреди кои може да бидат крајно сериозни по безбедноста и здравјето на секоја индивидуа и ќе се приклучиме кон целокупните напори за надминување на употреба на петарди и други пиротехнички средства кои може да предизвикаат сериозни повреди, потенцираше Саити.

На показната вежба учествуваа волонтери од Црвениот крст а присуствуваа и средношколци од медицинското училиште „Панче Караѓозов“ и скопската гимназија „Јосип Броз – Тито“. 

Зачлени се на нашиот е-билтен