По катастрофалниот земјотрес во Турција и Сирија, на порталите и социјалните мрежи се ширеа бројни теории на заговор и дезинформации.
На пример, на 07.02.2023, DUBAI-PORTAL.COM.MK објави текст „Тектонско оружје против Турција: Дали земјотресот може да биде вештачки?“, кој беше споделуван на социјалните мрежи и содржи бројни хипотези и конспирации за употреба на т.н. тектонско оружје.
Написот е превод на текст што го објави рускиот портал Репортер, кој е дебанкиран од EUvsDisinfo како теорија на заговор и дезинформација.
EUvsDisinfo укажува дека нема докази за тврдењето дека земјотресот во Турција е заговор на Западот за казнување на Турција, ниту пак докази за постоење на сеизмичко оружје. Но, има многу докази дека Русија ги користи теориите на заговор во информативната војна со дезинформациски напади.
На пример, теории на заговори за можна употреба на тектонско оружје во Турција ширеше и познатото пропагандно издание на Кремљ „Аргументи и факти“.
Написи за тектонско оружје се ширеа и на социјалните мрежи од српскиот проруски портал Васелјенска, кој тврди дека „Иранската новинарка Хајала Муазин е сигурна дека против Турција е употребено тектонско оружје“. Меѓутоа, нема новинарка Хајала Муазин, туку новинар Хајал Муазин, кој на руски канал на Телеграм ширеше дезинформации за тектонско оружје.
И Вистиномер, во написот „Земјотресите во Турција и Сирија не се предизвикани со „оружје за земјотреси““, разоткрива дезинформации на социјалните мрежи за „оружје за земјотреси“, како дел од „серијата невистинити тврдења чија цел е неосновано да инсинуираат дека човечкиот фактор и политичкиот Запад, „го предизвикале земјотресот“.“
Претходно, Вистиномер разоткри и дезинформација дека за земјотресите е одговорен системот ХААРП.
Експерти на Атлантскиот совет предупредија уште на 06.02.2023 дека се зголемува бројот на објави на социјалните мрежи, кои шират теории на заговори за можен вештачки карактер на катастрофата. Според нив, станува збор за малигни напори за да се влијае на јавното мислење за трагедијата, со цел да ја ослабат Турција по зголемените тензии со западните сојузници.
Сите овие аргументи укажуваат дека руските и други пропагандисти ја злоупотребија трагедијата во Турција и Сирија за да водат дезинформациска кампања против Западот и Турција како дел од НАТО. Граѓаните треба да внимаваат и да не подлегнуваат на вакви теории на заговори кои им се подметнуваат како информации на социјалните мрежи и на портали.
Извор: ima.mk