Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Ахмети: Косовскиот премиер Курти се меша во политичката сцена на Албанците во Македонија

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети синоќа порачал дека косовскиот премиер Албин Курти се меша во политичката сцена на Албанците во Македонија.

„Тој се меша во политичката сцена на Албанците. Еди Рама на пример, не се меша во внатрешните работи на политичкото тело во Северна Македонија, вложи напори да ги зближи партиите во Северна Македонија и јас сум благодарен сум за таквиот пристап“, рекол Ахмети на гостувањето во емисијата „Топ стори“ на ТВ Топ Чанел – Албанија.

Ахмети додал дека јавната поддршка на Курти за претседателскиот кандидат на албанската опозиција е мешање во македонската политичка сцена.

„Ние не изразивме патриотизам, туку се договоривме со Стево Пендаровски и со СДСМ и му дадовме поддршка“, кажал Ахмети за мандатот на актуелниот претседател.

Лидерот на ДУИ изјавил дека по веста за кампањата на „Самоопределување“ во Македонија, интерес пројавила и меѓународната заедница.

„Не доведоа во многу тешка ситуација. Зошто Курти се буни кога Вучиќ е политички активен на Косово? Како го објаснувате тоа? Ме оставија без зборови“, нагласил Ахмети.

Курти беше лидер на студентското движење на Албанците во Косово, а поради спротивставувањето на режимот на Милошевиќ, беше приведен во април 1999 година во Приштина. Од мај до јуни 1999 година е држен во затворите во Липљан и во Приштина, а од 13 декември до 13 март 2000 година во затворот во Ниш. Во судскиот процес на 13 март 2000 година тој е осуден на 15 години затвор под обвинение „загрозување на територијалниот интегритет и суверенитет на Југославија“.

Од март 2000 година до декември 2001 година бил по српските затвори, а ден-денес едно интервју за српските медиуми дадено на течен српски јазик на 22 април 2000 година е актуелно и се „врти“ по социјалните мрежи, со цел да се велича политичката моќ на Курти. Курти излегува на слобода на 7 декември 2001 година под голем притисок на меѓународниот фактор за да ги ослободи политичките затвореници на српскиот режим.

Од 2005 година има над 10 години активно револуционерно опозиционирање кон власта на Ибрахим Ругова, посебно на Хашим Тачи и на Рамуш Харадинај, комбинирајќи ја политичката филозофија со масовните протести низ улиците на Косово.

Зачлени се на нашиот е-билтен