Главниот уредник на Независен.мк смета дека средбите и настаните со национално, регионално и меѓународно значење во овој период го означуваат почетокот на политичката разврска што ќе почне уште со изборот на техничката влада.
Во изјавата за ЦИВИЛ МЕДИА, Поповски, зборува за средбите Ковачевски-Заев-Ахмети, како и за средбата на секретарите на СДСМ, Зечевиќ и Маричиќ, со своите колеги од Самоопределување во Приштина, се дел од еден европски мозаик.
„Сите овие настани го означуваат поставувањето на политичките елементи на мизансценот пред разврската што ќе почне да се одвива уште со изборот на техничката влада. Разговорите на Зечевиќ и Маричиќ со колегите од Самоопределување во Приштина е едно од поспецифичните политички изненадувања во последно време. Има повеќе прашалници отколку одговори зошто дојде до оваа средба и што се разговарало на неа“, констатира Поповски во изјавата за ЦИВИЛ МЕДИА.
Тој потсети дека сегашниот коалициски партнер во владата, ДУИ, јасно се изјасни дека учеството на претставници на партијата на Албин Курти ќе значи своевидно мешање во политичките работи на Македонија. ДУИ и СДСМ се во разговори со СДСМ за заеднички настап на изборите.
„ДУИ јасно се изјасни дека учеството на претставници на партијата на Албин Курти ќе значи своевидно мешање во политичките работи на Македонија. ДУИ и СДСМ се во разговори со СДСМ за заеднички настап на изборите“, вели Поповски.
Главниот уредник на угледниот Независен.мк смета дека, иако изгледа дека средбите во Скопје и Приштина се спротивставени, сепак, тие можеби и не се.
„Во исто време, Ахмети, Заев и Ковачевски се на заеднички маратонски ручек за подготвување на стратегијата за изборите. Така, навидум, двете овие средби се спротивставени. Но може да излезе на крајот дека не се. Особено што овие денови во САД е тројката Меџити, Касами и Гаши, заедно со македонскиот човек на Курти, Ќоку, така што не би изненадило дека целата оваа активност е обид да се склопи еден, условно да го наречеме, европски мозаик“, анализира Поповски.
Разбирливо, посетата на високиот американски дипломат, Џејмс О’Брајан, предизвикува силно внимание во македонската политичка јавност. Поповски ја коментира најавената посета, втора за кратко време, доведувајќи ги во врска и најавените регионални и меѓународни настани во Скопје, но и дека не треба да се негуваат преголеми очекувања, а објаснува и зошто.
„Многу се зборува за посетата на американскиот дипломат Џејмс О’Брајан во Скопје на почетокот од идната недела. Можеби не треба да се поврзуваат големи очекувања од неговиот престој во Скопје. Со што побрзо да се занимава тој – со самата агенда на регионалниот собир, поврзан со Планот за раст на ЕУ, со односите меѓу Србија и Косово, или наводното собирање на едно купче на сите албански партии пред изборите во Македонија“, изјави Поповски за ЦИВИЛ МЕДИА.
Според Поповски, позитивни сигнали има и од средбата на Вучиќ со О’Брајан во Давос.
„Вучиќ се сретна со О’Брајан во Давос (наводно, двајцата исцрпно разговарале за време на вечерна прошетка по улиците на швајцарскиот град), но тоа е само дел од комуникацијата што српскиот претседател ја има со Вашингтон по контроверзните избори во Србија. Да не заборавиме, веднаш по изборите, Србија ги призна косовските регистерски таблички, што е еден од елементите на попуштање на Белград во спорот со Приштина. Сега сличен гест треба да следи од Приштина“, вели Поповски.
Тој нагласи дека неблагодарно и преурането би било да се оценува што од агендата на О’Брајан ќе се исполни.
„О’Брајан има цела агенда работи за време на престојот во Скопје. Неблагодарно и преурането би било да оценуваме што од таа агенда ќе се исполни. Но нешто веројатно ќе се стави во некаква американска и европска рамка. Останува да видиме колку тоа ќе биде поврзано со изборите во Македонија“, изјави Поповски за ЦИВИЛ МЕДИА.
Самитот „Западен Балкан и ЕУ“ и лидерската средба за планот за раст за Западен Балкан се одржуваат во Скопје, на 20 и 21 јануари. Домаќин на средбата ќе биде македонскиот премиер Димитар Ковачевски.
Џ. Д.