Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

[ВИДЕО] „Полиграф“: Кои медиуми објавија неточни и нецелосни информации за извештајот за глобалните ризици 2024?

Неколку медиуми објавија неточни и нецелосни информации за „Извештајот за глобалните ризици 2024“ на Светскиот економски форум, кој предизвика особено внимание на состанокот во Давос.

На 15 јануари 2024, порталот „Локално“ објави текст со наслов: „КАДЕ ОДИ СВЕТОТ? Еве од што најмногу се плашат светските лидери“, во кој се тврди: „Дезинформациите и лажните вести се вториот најголем ризик што може да ја поткопа довербата и да ги продлабочи политичките поделби“.

Ден потоа, и „Нова Македонија“ во текстот „Како изгледа глобалниот пејзаж на врвните ризици за светот во 2024 година?“ објави дека според извештајот, „Дезинформациите се вториот најголем ризик…“.

Во инфографикот на „Нова Македонија“ насловен „Топ глобални ризици во 2024 г.“ на второ место стојат „ВИ дезинформации“, што значи дезинформации од Вештачка интелигенција, израз кој не ги опфаќа сите видови дезинформации.

Меѓутоа, што навистина стои во „Извештајот за глобални ризици 2024“? Во извештајот, „ВИ генерираните погрешни информации и дезинформации“ се на второ место, кога од испитаниците се барало да селектираат до 5 ризици за кои веруваат дека најверојатно можат да претставуваат материјална криза на глобално ниво во 2024 година.

Но, „погрешните информации и дезинформации“ се јавуваат на прво место во извештајот, и тоа како „најсериозниот глобален ризик антиципиран во следните две години“.

Како што се сумира и во насловот на текстот за овој извештај на сајтот на Светскиот економски форум,  „Дезинформациите се на врвот на глобалните ризици во 2024, додека се интензивираат заканите за животната средина“. Во текстот се вели дека „Погрешните информации и дезинформациите се најголеми краткорочни ризици, додека екстремните временски услови и критичните промени на системите на Земјата се најголема долгорочна грижа…“.

И во обраќањето на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во Давос, пренесено и од наши медиуми, таа уште на самиот почеток истакна:  „Вашиот Годишен извештај за глобални ризици е зачудувачки и отрезнувачки за читање. За глобалната деловна заедница, главната грижа за следните две години не се конфликтите или климата. Тоа се дезинформациите и погрешните информации, проследени со поларизација во нашите општества“.

Извештајот предупредува и дека „погрешните информации и дезинформациите можe радикално да ги нарушат изборните процеси во неколку економии во следните две години“.

Иако овој Извештај укажува дека погрешните информации и дезинформациите се најголеми глобални краткорочни ризици во следните две години, дел од медиумите нецелосно и неточно известија за него, а ова прашање не го доби заслуженото внимание во нашата јавност. Граѓаните и целото општество заслужуваат медиумите да му пристапат на проблемот со дезинформациите со далеку поголема сериозност и професионалност.

(СМК)

Зачлени се на нашиот е-билтен