Во контекст на најновите збиднувања на политичката сцена во Северна Македонија, универзитетската професорка, Катерина Колозова, за ЦИВИЛ МЕДИА изјави дека, иако не е позната содржината на средбата меѓу Маричиќ, Зечевиќ и Курти, сепак, може да се донесат одредени заклучоци околу прашањето зошто една таква средба би била потребна.
„Ветвендосје, по официјални патишта или просто по органски пат на нејзината популарност во албанофонската сфера, има влијание меѓу Албанците во Македонија. И тоа е релевантно, и нешто со што социјал-демократите треба да се запознаат, да го разберат како процес, да ја разберат природата на таа популарност. Ветвендосје е партија на лев популизам, партија која Гардијан пред некоја година ја прогласи за најпрогресивната партија во Европа – доколку почитувачите на оваа партија во Македонија добијат гласност и видливост, креираат сопствена партија или ги преточат овие вредности во некоја друга партија“, вели Колозова.
Колозова заклучува дека ваквата прогресивност е добра за македонското општество и логично левичарите да се дружат со левичари, наместо со десно ориентирани партии.
„Тоа е добро за целото македонско општество, независно од етничките разлики. Сосем природно е СДСМ да го бара сојузникот кај вистински левичари, наместо кај десно ориентирани, антиевропски, традиционалистички партии“, заклучува Колозова.
Б. Јордановска (ЦивилМедиа)