Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Неживиот од кривото огледало

Да не се лажеме со „револуционерноста“ од плагијатот на името ВМРО или божемната социјалистичност на Левица, омразата им е конструирано содржана во говорот, со помош на пропагандни техники.

Емилија ЦЕЛАКОСКА

„Репортери без граници“ води индексирање врз основа на проценки на состојбите за медиумите во 180 земји. Во 2014 г. рангот за Македонија беше 123, на самото европско дно. Во превод, после континуирано опаѓање 7 години по 10-30 места годишно, почнувајќи од ранг 34, достигнавме нула слобода на новинарството, максимум насилства врз новинари, затвори и процеси против нив. Лично, заради вртоглавицата од грозната бизарност, од таа година ми остана во сеќавање пресот во кој министер од владата на ВМРО-ДПМНЕ на прашање од новинарка за старосната граница во законот за пензионирање, врати со прашање – дали од дома ѝ знаеле дека е проститутка. Истиот беше снимен и како физички враќа на прашање од друг новинар.

Индексот во 2022 е доста подобар, изнесува 57, воглавно, како што истакнуваат, заради овозможената слобода за критичко известување и истражувачко новинарство, поволните услови за работа на новинарите и додатоците во законите со цел заштита на новинарите. Прават дистинкција меѓу онлајн порталите кои ангажираат новинари со оригинални и професионални содржини и, од друга страна, плагијатори. Сепак, тој ранг за нас граѓаните е сеуште лош, но овојпат поинаку лош. Проценката на „Репортери без граници“ е дека имаме недостаток на професионалност на новинарите и зголемување на недоверба во македонските медиуми бидејќи „најгледаните ТВ медиуми се воедно и со најниски индекси на доверба“. Во превод, масовно гледаме неинформативно ѓубре (junk – социологот Габриел Тарде го користи овој термин како рамка за лажни вести, теории на заговор, пристрасни квалификации наместо известување итн). Имплементацијата на добрите новинарски практики е лоша и покрај Етичкиот кодекс и саморегулационото тело, процениле. Медиумите се силно поларизирани во паралелни системи и преку нив партиите вршат економско и политичко влијание.

За последново, се смета дека „поларизираното општество“ е, и причина, и последица од таквото медиумско влијание (кокошката и јајцето). Тоа е влијание без филтер, односно без улогата заради која медиумите се викаат медиуми. Многу долго поимот за поларизација циркулира и ги заплеткува луѓето на доста длабоко ниво, до самата природна потреба за колектив, до инстинктот за разликување кој е кој, до чувството за неопходност за што поточно сфаќање на реалноста – кој што прави. Тој квалитет за заплеткување се користи „до даска“: Поимот за поларизација дополнително се рециклира од разни мали политички партии, некои со залажување на луѓето за „трет пат“, како Левица (одамна пред нив и Демократски Сојуз), а некои и вистински веруваат во таква бајка. Наративот за „третиот пат“ е со цел да се претстават како да се надвор од поларноста, а со тоа, поблиски до граѓаните.

Но, уште веднаш треба да е јасно дека „трет пат“ не постои при поларизација, а од тоа што таа е во резонанс, треба да биде повидливо дека нема „трет пат“, а не да се халуцинира дека „третиот пат“ станува поголем. Секако, тој резонанс го хранат медиумите, кои, пак, некритички црпат содржини од веќе поларизираното општество, секогаш натежнувајќи на една страна, и така во круг кој сам се храни со сѐ повеќе поларизација – од медиумите кон општеството и назад. Таа идеја за трета страна е само изместена реинтерпретација на „третиот дел“ од дејноста на медиумите, која всушност се состои прво, од самите новинари, второ, од институциите како извор за известување и трето, од граѓаните како пасивни приматели на вестите (аналози на муштерии). Овој редослед е остро разграничен, за жал, но тоа е повторно проблемот на кокошката и јајцето – во типот на медиуми опишани од „Репортери без граници“, институциите упростено се интерпретираат како „власта“, новинарите се ставаат наспроти „власта“, а граѓаните како трети, се навивачи и конзуматори на пуканки. Заедно со архетипската претстава дека се на „третиот пат“ меѓу две страни и би морало да има некој Мојсеј кој ги води.

Во рециклажата на поимот поларизација, трета страна е, значи, дупката меѓу двете поларни страни што се поистоветува со идеја за „граѓанство“. Рециклажата е смислена како „граѓанинот-против-двете-страни“, што вештачки промовира наводна „граѓанска неутралност“. Но, во принцип, тоа претставува подмолна субверзија на општеството, поштетна и од самото инсистирање на поларизација. Дека ова „неутрализирање“ на граѓанството навистина е намерна субверзија, потврдува токму тоа што не наоѓаме ниту медиуми, ниту политички субјекти, ниту граѓани кои се, на пример, ЗА двете политички поларизирани страни. Но, „третата страна“ е истата грешка од вообичаениот говор дека, на пример, „ѓеврекот ИМА дупка“. Дупката не може да ја сметаме за состојба на присуство на отсуство(!) и на тој начин е и еднакво глупаво да сметаме дека објективно постои трета страна во поларизација. Значи, треба да видиме што имаме и што немаме единствено и исклучиво кај таканаречените поларни страни.

Паралелните медиуми, како што се изразуваат „Репортери без граници“, односно малодушното полнење на зборот поларизација само како „две страни“, нѐ тераат погрешно да замислуваме два слични брега (и дупка меѓу нив). Но, ако ја следиме барем малку критички содржината (ѓубрето) што некритички ни ја сервираат паралелните медиуми, односно баш таа содржина која е извор на индивидуалното заплеткување во „поларизацијата“, би требало да согледаме дека се одвива онаа природна бинарност што ја изучуваме од прво одделение – присуство и отсуство на одреден апсолутен квалитет. На пример, може да кажеме дека темнината е отсуство на светлина бидејќи светлината е апсолутно присуство на фотони, но, од друга страна, натегнато е да кажеме дека ноќта е отсуство на денот. Еве, уште понезгодно, на истата поента, ако кажеме дека статичноста е отсуство на движење, тогаш зошто движењето не е отсуство на статичност? Затоа што статичност не постои во апсолутна смисла.

Значи, не е сѐ симетрично како во рамно огледало и затоа во секој момент треба и може да ни е јасно на кое ниво можеме да направиме разлика меѓу ништо и нешто. Тоа е основата на информацијата. Од низа апсолутни отсуства и присуства треба да сме способни да си склопиме информација. ВМРО-ДПМНЕ и Левица ни нудат примери дури и на најелементарно ниво – присуство во законодавен дом за ратификација на документ со апсолутна вредност македонскиот јазик, версус отсуство. Присуство на струја (сосем апсолутна вредност) во домовите, версус лажните пророштва за отсуство. Редовни автобуси версус мрзнење на постојка. Зголемен број и опсег на социјални мерки, версус намален и така натаму, до посложени присуства и отсуства, кои на крај треба да склопат конзистентна информација за тоа кој е кој, и кој што прави.

Ова е вистинскиот аналог како треба да ја добиеме информацијата. Елементарно, со 0 и 1 и нема можност за ништо трето меѓу нив. Наша граѓанска работа е да ги читаме тие присуства и отсуства (0 и 1), кои нема секогаш да ни се сервирани така елементарно како за Фронтекс или автобусите и затоа треба да сме и чесни набљудувачи, и воедно засегнати за благосостојбата. Збунувањето на граѓанинот со плитката интерпретација „поларизација“ како „две страни“ од која неминовно следат „трети патишта“ излегува не само како демагнетизирање на „дискот“ на граѓанинот со троен систем наместо бинарен, од што, нормално, произлегува нелогична каша-попара, туку и го прави самиот граѓанин страна, а со тоа и дел од информацијата што тој посакува да ја дознае. Граѓанинот е дословно заплеткуван во силувачките формулации на центарот за пропаганда на ВМРО-ДПМНЕ и Апасиев лично, кои низ медиумите порозно проаѓаат. Плеткањето на умот на граѓанинот не оди со свесно одобрување, тоа е Гебелсовата доктрина која денес масовно се користи од оние кои немаат апсолутен, опиплив политички квалитет.  

Се разбира, проблемот секогаш во себе го содржи решението. Откако ќе сфатиме дека „поларизација“ е јанлаш термин кој цели низи од бинарности – информација, ги претвара во два неуредни коша или за сина, или за црвена облека, потребна е полесна, а поточна аналогија. Таа всушност ни е пред нос, со слоганизираните „критики“ од ВМРО-ДПМНЕ во Гебелсовата техника наречена „обвинување од огледало“. За илустрација што е тоа, може да послужи транспарентот на ВМРО-ДПМНЕ (на чествувањето на Гоце Делчев) – „Тие за пари клети, ние за идеали свети“. Транспарентот комотно можеше да биде носен од социјалдемократ и ќе беше повистинит, со оглед на доказите против човечкиот хардвер на ВМРО-ДПМНЕ (и амнестиите!), а од друга страна, идеалот за напредок – Македонија да биде ЕУ членка, кој тековно е многу тематски поприсутен. Но, не носеше (како и што, иако се „страна“ од двете поголеми, не нѐ бомбардираат на секое ќоше со симболите, немаат племенски, нашлакани со боја орди и не применуваат злокобни и грозоморни тактики на пропаганда, со што можеме да разликуваме кој е пристојниот и нормалниот, кој не нѐ малтретира).

Искривеното огледало е попрецизна аналогија наместо „поларизација“. Нема можност за трета страна, како што реално и е, а неживата страна се открива самата, како што ќе видиме подолу, со формулата на Чакотин. Сега, можеби е појасно колкав е хоророт што го доживуваме како граѓани – како кривото огледало да е жива страна која го обвинува живиот пред него дека тој е крив, со индиректна закана дека ние, како граѓани – учесници и набљудувачи на хоророт, лесно може да бидеме во ужас пред кривото огледало.

Обвинувањето од огледало е пред-Гебелсова стратегија на говор на омраза, во која другата страна се обвинува за сопствените лоши намери за иднината или сегашноста или, пак, за грешките во минатото. Најексплицитно е опишана од Роџер Мучиели, но тој се референцира на делото „Силување на масите“ на Сергеј Чакотин. Има записи од изјави на Гебелс од кои може да се заклучи дека тој добро ја разбирал оваа техника. Најдени се докази дека како стратегија намерно е искористена за геноцидот во Руанда во 1994 г. и врз таа основа потоа се одвиваат судењата на Меѓународниот суд за злосторства против човештвото.

Обвинувањето од огледало, односно, да го обвиниш другиот за она што го правиш или си го правел самиот ти, нашите медиуми го пренесуваат во комплетна форма како што пропагандниот центар на ВМРО-ДПМНЕ го формулира и не сфаќаат дека барем 60 години се смета за говор на омраза. Во принцип, го препознаваме во пресовите на ВМРО-ДПМНЕ и преку нивните апологети во форма: „Владата е виновна за Х“, а токму Х е содржано во нивните сегашни штетни политики или минатите јасно погрешни политики. Се разбира, врвот на копјето е во зборот „штетни“, па да го расчистиме тоа.

Имено, Чакотин ја има дадено формулата како да се излезе од заплетканиот јазол на несфаќање кој е кој и кој што прави. Кога сите страни се обвинуваат за истите грди работи, потребно е само да се следи која работа во контекстот не е материјал за обвинување, а потоа и кој ја прави. Таа е, тогаш, страната на вистината, на исправноста. На пример, корупцијата е лоша и затоа е материјал за обвинување: „Ти си корумпиран! – Не, туку ти си корумпиран!“ оди „дијалогот“. Но, дали има обвинувања „Ти си за ЕУ! – Не, туку ти си за ЕУ!“ ? Нема, затоа што влез во ЕУ е позитивна работа. Како што гледаме, тоа оди со обратен „дијалог“: „Ти го креваш евроскептицизмот! – Не, туку ти го креваш евроскептицизмот!“ (прес на Митева од ВМРО-ДПМНЕ, 13 февруари). Значи, евроскептицизмот е лоша работа.

Да ја провериме сега реалноста: Која партија во Собранието е влечната сила за влез во ЕУ? А кој ја попречува?

Така е. За разлика од Руанда, каде што е применет најопасниот облик на оваа техника – обвинување од огледало за идно време („оние другите сакаат да ви направат геноцид“, што е поттик за омраза и – геноцидот е направен токму од „предупредувачите“), облиците во сегашно и минато време од ВМРО-ДПМНЕ се применуваат како секојдневно ронкање на добрите политики за граѓаните, повеќе со цел добивање време до некоја природна несреќа или поединечен фаул од n-то колено на некој владин службеник. Затоа да не се лажеме со „револуционерноста“ од плагијатот на името ВМРО или божемната социјалистичност на Левица, омразата им е конструирано содржана во говорот, со помош на пропагандни техники. И едната, и другата е авторитарна, склона кон наци-фашистички својства и специјалното изнаоѓање и применување пропагандни техники кои генерираат омраза е алатка за нивен замислен подем, а наше, граѓански, е да согледаме колку е против нас, граѓанството што сака мирен, нормален живот. Револуцијата е во умот – да се развиеме во слободност и да сме слободни за развој. А силите кои влечат назад, со поттици за омраза, без развојни идеи, туку само за раширување на својот немериторен човечки хардвер низ институциите на државата како роваречки вирус во нејзиниот софтвер, да станат минорни, невлијателни. Во тоа е содржан и непроценливиот бенефит од нашите прилагодувања на правилата и законите со ЕУ – да се пренесат добрите практики и етичкиот однос, како и да се вградат, и во професионалните (особено на медиумите), и во функционерските, но и во нормалните човечки односи.

Зачлени се на нашиот е-билтен