Официјални лица на Унгарија, Полска и Чешка денеска изјавија дека не планираат да испраќаат војници во Украина.
-Унгарија нема да испрати оружје или војници во Украина и цврсто ќе стои на тој став. Ја слушнавме и видовме веста за синоќешната средба во Париз. Ставот на Унгарија е јасен и цврст, не сме подготвени да испратиме ниту оружје, ниту војници во Украина, изјави министерот за надворешни работи Петер Сијарто.
Полскиот премиер Доналд Туск нагласи дека земјата не размислува за испраќање војници во Украина.
-Полска не планира да испрати свои војници на територијата на Украина. Мислам дека денес не треба да шпекулираме дали ќе има околности што би можеле да ја променат оваа позиција, рече Туск, додавајќи дека Полска е подготвена да учествува во секоја иницијатива што ќе доведе до крај на војната во Украина.
И чешкиот премиер Петр Фијала рече дека ниту Чешка нема да испрати воено засилување во Украина и дека Полска е подготвена да учествува во чешката иницијатива за обезбедување оружје за Украина од земји надвор од ЕУ.
Францускиот претседател Емануел Макрон вчера по самитот на европските лидери во Париз изјави дека, иако нема консензус за испраќање војници од европските земји во Украина, „ништо не треба да се исклучи“.