Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Костадиновска-Стојчевска: Културата до публиката, 11 милиони денари за Дом на културата во Чучер–Сандево

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска во  Чучер–Сандево, промовирајќи го проектот поддржан од Програмата за капитални дотации за оваа општина, рече дека Чучер–Сандево добива нов Културен дом „Сандево“, со што се продолжува традицијата на Партизанскиот дом „Сандево“.

Костадиновска-Стојчевска, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, и градоначалникот на Општината, Сашко Комненовиќ, извршија увид на проектот и локацијата за изградба на мултифункционална сала на Домот на културата „Сандево“.

– Градоначалникот покажа иницијатива за овој проект од областа на културата, која беше препознаена од Министерството за култура и поддржана со 11,3 милиони денари преку Програмата за капитални дотации во културата – рече министерката за култура, која истакна дека е ова највисоката поддршка  од оваа програма за годинава.

Таа додаде дека Министерството за култура годинава, во однос на минатата година, со дополнителни 10 милиони денари го зголеми буџетот за оваа програма со која го унапредуваме локалниот развој.

Костадиновска-Стојчевска во изјава за медиумите информираше дека по 15 години отсуство на сала, почнува изградбата на толку неопходниот нов Дом на културата за овој регион, со кој се продолжува традицијата на Партизанскиот дом „Сандево“.

– На површина од над шестотини квадратни метри, градиме мултинаменска сала со внатрешен сценски простор, амфитеатар, билетарница, гардероба и други придружни простории потребни за беспрекорно функционирање на една установа од ваков вид – информираше Костадиновска-Стојчевска.

– Со изградбата на оваа сала – рече министерката за култура – ја исполнуваме нашата должност да создаваме инфраструктура која има клучна улога во збогатувањето на животот на секој поединец, во развојот на уметничките таленти и во стимулирање на креативната енергија кај нашите млади.

Костадиновска-Стојчевска очекува првата фаза успешно да биде реализирана до крајот на годината и изрази уверување дека разновидноста на културните содржини во салата и на летната сцена, ќе ја направи Општина Чучер–Сандево привлечно место не само за своите жители туку и за граѓаните од регионот.

Градоначалникот Комненовиќ изрази голема благодарност до министерката Костадиновска-Стојчевска и до Министерството за култура затоа што, како што рече, ја препознаа потребата на граѓаните на Општина Чучер–Сандево и што овозможија со значителни средства да ја поддржат оваа инвестиција.

– За Чучер–Сандево, реализацијата на проектот поддржан од Министерството за култура преку капиталните дотации е по многу нешта значајна бидејќи жителите знаат како изгледаше сево ова до пред неколку години. Презедовме руинирани објекти, а со изградбата на новата сала ќе им овозможиме на жителите на овој регион на Скопска Црна Гора современи услови за одвивање културни активности од секаков вид – рече градоначалникот Комненовиќ.

Зачлени се на нашиот е-билтен