Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

НСДП на конгрес ја потврди поддршка за Пендаровски и учество во Европската коалиција предводена од СДСМ на изборите

Под мотото „Силно, одговорно и чесно за пристоен живот и европска иднина“ НСДП денеска го одржа Шестиот Конгрес, конвенција на која присутвуваа 550 делегати од сите шест изборни единици. На Конгресот НСДП најави поддршка за актуелниот претседател Стево Пендаровски за претстојните претседателски избори, како и учество во Европската коалиција предводена од СДСМ на парламентарните избори.

-Сакаме европска Македонија да биде пристојно место  за живеење во кое нашите деца ќе се школуваат и ќе останат тука да живеат, порача лидерот на НСДП Горан Мисовски во своето обраќање на Конгресот.

Увери дека ќе победат на претседателските и на парламентарните избори, зошто, како што рече, на претседателските избори имаат противкандидат кој не го почитува уставното име на државата и вели дека никогаш нема да го користи. Лажните анкети на опозицијата, додаде, пропаднаа со не носењето на „собраните“ потписи во ДИК, туку кандидатурата со на нивниот претседателски кандидат на опозицијата со потписи од 30 пратеници.

-Ќе победиме и на парламентарните избори бидејќи опозицијата повторно го нуди мотото на нивното претходно владеење „Три П – пендрек, пари и пропаганда“, иста матрица која ја има и актуелното раководство, рече Мисовски.

На Конгресот поздравни обраќања имаа и претседателот Пендаровски и лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски.

Пендаровски порача дека се надева на двојна победа на 8 мај и дека тој ќе го додели мандатот на мандатарот Ковачевски. Во неговиот прв мандат, како што кажа, земјава влезе во НАТО, а во вториот ќе влезе во ЕУ. Порача дека е сигурен оти ќе победи Европската коалиција заради неколку пати поголемиот коалициски капацитет што го има, што го докажа на изборите во 2016 и во 2020 година.

-Само 27 април е доволен да видите дали и колку се променила политичката гарнитура која претендира да дојде на власт. Воопшто се нема променето, тогашниот втор човек на ВМРО-ДПМНЕ денес е прв човек, а и тогаш и денеска беа и вториот и третиот човек на таа политичка партија на исто место, рече Пендаровски и додаде дека најмалку тројца осудени за 27 април беа во конгресната сала во која ВМРО-ДПМНЕ го одржа неодамнешниот конгрес.

Нагласи дека споредбите покажуваат дека во сите параметри се подобри од опозицијата – во економијата, во човековите права, во нивото на демократија и во реалниот стандард на граѓаните.

– Економските параметри во нашите седум години се подобри од било кои седум години на Никола Груевски кој тврдеше дека е најдобар економист во Европа. Тоа го потврдуваат меѓународни економски институти со репутација. Донесовме тешки одлуки од кои дел носат и негативен политички рејтинг зашто се непопуларни во тој момент иако на долг рок се стратешки исправни. Моравме да ги донесеме бидејќи никој не ги носеше триесетина години. Да не бевме денеска членка на НАТО може да замислите под какви се притисоци ќе бевме, рече Пендаровски нагласи дека не постои ни еден витален сегмент во кој не се подобри од опозицијата.

Нагласи дека имаше и грешки, но додаде дека разликата е дали се прават грешки на дневно ниво или стратешки.

Лидерот на СДСМ Ковачевски рече дека како партии со НСДП делат исти вредности и цели, делат иста визија „за напредна и просперитетна Македонија, за подобар живот на граѓаните, за држава која е горда членка на ЕУ.

-Заеднички во изминатите седум години делевме политики со видливи резултати во интерес на граѓаните и за напредокот на државата. Денес имаме просечна плата од највисоки 40 илјади денари наспроти 22 илјади во времето на ВМРО-ДПМНЕ. Имаме зголемена минимална плата на 22.500 денари наспроти 8.000 денари колку што беше во нивно време. Имаме повисоки пензии во просек за 6.400 денари. За време на најтешките кризи ние никого не оставивме сам и вративме над 2,6 милијарди евра назад кај граѓаните, рече Ковачевски.

Овие политики и резултати, додаде, мора да продолжат, бидејќи граѓаните заслужуваат подобро – европски стандард и напредна и просперитетна држава.

-Знам дека направивме многу, но знам дека во државата има и граѓани кои живеат тешко и едвај врзуваат крај со крај. Затоа во новата програма на нашата коалиција ќе има уште поголеми плати, уште поголеми пензии, уште повеќе пари за инвестиции и уште повеќе пари назад кај граѓаните. Тоа единствено од нас може да го добијат граѓаните, рече Ковачевски.

Направивме ногу добри работи, посочи, но направивме и грешки, дел од нив кадровски, дел можеби политички, а дел можеби неми.

-Но една работа направивме апсолутно точно и исправно – го трасиравме европскиот и евроатлантскиот пат на државата. Тоа е нешто што никој друг го нема направено 32 години, потенцира Ковачевски и додаде дека благодарените на тоа денеска „Македонија е фактор на стабилност во Западен Балкан“.

За тоа, потенцира, беа потребни храбри одлуки, благодарение на храброста земјата ќе оди напред и затоа нема откажување од идинината, а тоа е европска Македонија во која државата ќе биде членка на ЕУ. Пендаровски, порача, не внесе во НАТО, а во вториот мандат ќе не внесе во ЕУ.

Во работниот дел од конгресот НСДП ги утврди Горан Мисовски, Соња Мираковски и Мики Милковски за кандидати на листите на коалицијата во Третата, Четвртата и Втората изборна единица

Зачлени се на нашиот е-билтен