Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) отвори мисија за следење на локалните избори во Србија, што ќе се одржат на 2 јуни.
Шефот на таа набљудувачка мисија, Алберто Заниери на денешната прес-изјави дека мисијата се состои од главен тим од 11 меѓународни експерти со седиште во Белград, како и 18 „долгорочни“ набљудувачи кои ќе бидат распоредени на девет локации во Србија почнувајќи од следниот понеделник.
Тој додаде дека Мисијата на ОДИХР ќе бара на изборниот ден, 2 јуни да бидат ангажирани 160 „краткорочни“ набљудувачи. Додека главниот тим е составен од експерти од разни сфери од девет држави.
Според Заниери, на денот на изборите, ОДИХР ќе ги здружи силите со делегацијата на Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа и ќе го набљудува отворањето на избирачките места, процесот на гласање, пребројувањето на гласовите, броењето на резултатите.
Тој потврди дека мисијата добила официјална покана од властите во Белград за набљудување на изборите и изјави дека нејзините членови имале средба со претставници на Министерството за внатрешни работи на Србија, Републичката изборна комисија и Градската изборна комисија.
Заниери потенцира дека конечниот извештај со оценки за целиот изборен процес ќе биде објавен два до три месеци по изборите.