На германската Канцеларија за заштита на уставниот поредок и понатаму и е дозволено да ја води партијата Алтернатива за Германија (АфД) како организација осомничена за екстремистички активности, одлучи Вишиот управен суд во Мунстер.
Според убедувањето на судскиот совет, постојат доволно докази дека партијата постапува против достоинството на одредени групи граѓани и против принципите на демократијата, се наведува во образложението на пресудата.
Во образложението се истакнува и дека „добар дел од АфД“ се залага на граѓаните со мигрантско потекло да им даде законски понизок статус.
Вишиот управен суд објасни и дека класифицирањето на АфД како можна екстремистичка организација не значи истовремено дека таа е навистина екстремистичка организација.
Со денешната пресуда се отфрли тужбата на АфД, која се жалеше за ставањето на партијата на листата на осомничени организации за екстремистички и противуставни цели.