Доколку Западот сака да се бори на фронтот за Украина, Русија е подготвена за тоа, изјави денеска шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, цитиран од британските медиуми.
-Тоа е нивно право – ако сакаат да бидат на бојното поле, тие и ќе бидат на бојното поле, рече Лавров, цитиран од руските медиуми.
Русија ги засили предупредувањата за опасностите од директна конфронтација со НАТО, откако францускиот претседател Емануел Макрон не ја исклучи можноста западните воени единици да бидат испратени во Украина во одреден момент.
Минатата недела Кремљ соопшти дека испраќањето војници на НАТО во Украина може да биде исклучително опасно, а претседателот Владимир Путин посочи дека тоа може да доведе до Трета светска војна.
Лавров, кој е шеф на руската дипломатија веќе две децении, зборуваше на парламентарното сослушување за неговата номинација на истата функција во новата влада на Путин, што ја доби по неговиот нов шестгодишен мандат.
Лавров, исто така, изјави дека мировните преговори за Украина, што ќе се одржат следниот месец во Швајцарија без учество на Русија, претставуваат ултиматум до Москва.
Тој ја спореди ситуацијата со „прекорување ученик“ чија судбина ја решаваат наставниците додека тој не е во просторијата, наведуваат руските медиуми.
-Не можете така да зборувате со никого, особено не со нас, рече Лавров. „Конференцијата… се сведува на тоа да и се даде повторно ултиматум на Русија“, посочи тој.