Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Костадиновска – Стојчевска: Претседател на Собрание може да биде етнички Македонец, Албанец, но прв официјален јазик во државата е македонскиот

Пратеничката од СДСМ Бисера Костадиновска – Стојчевска на социјалните мрежи реагираше на денешната свечена изјава на новоизбраниот претседател на Собранието, Африм Гаши и на фактот што целата церемонија прво се водеше на албански, а дури потоа на македонски јазик.

„Зошто е скандалозно свечената заклетва да се дава прво на албански, а потоа на македонски јазик? Прво, затоа што македонскиот јазик е првиот официјален јазик на Северна Македонија, а потоа следат другите, не помалку важни јазици, но утврдени со Устав согласно процентуалната застапеност на граѓаните кои го зборуваат. Второ, јазикот не е и не може да биде личен или етнички механизам за политичко поентирање – јазикот е средство за службена и друг тип комуникација. Трето, претседател на Собрание може да биде и етнички Албанец, и етнички Македонец и било кој друг пратеник за кој владејачките партии ќе се договорат, но прв официјален јазик во Северна Македонија е македонскиот јазик. Четврто, единствен официјален јазик за меѓународна употреба е македонскиот јазик – сигурна сум дека денешната конститутивна седница има и силен меѓународен одек“ пишува Костадиновска – Стојчевска.

Таа смета дека новиот Претседател на Собранието на Република Северна Македонија го прекршил духот на мултиетничноста на нашата држава, но и духот на Уставот и на Законот за употреба на македонскиот јазик при давањето на свечената заклетва за време на конститутивната седница на новиот собраниски состав, а истотото го сторила и претседавачката на конститутивна седница на Собранието, пратеничката Мерита Колчи Коџаџику.

„При тоа, ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ од тесно-коалициони и тесно-партиски причини немаа ни капацитет, ни причина, ни порив да помислат спротивно на ваквиот анти-македонски чин.
При тоа, потсетувам дека Гаши не е првиот претседател Албанец на Собранието на Северна Македонија. Тоа претходно во два наврати беше Талат Џафери и тој не го повреди духот на македонскиот Устав и заклетвата ја даде пред сѐ на македонски јазик. Потсетувам и дека Вулнет Старова, Албанец е последниот претседател на делегатското собрание на Социјалистичка Република Македонија“ наведува Костадиновска – Стојчевска.

Зачлени се на нашиот е-билтен