„Фестивалот ќе ја обработува темата на тоа како јапонската култура и традиција има голема почит кон природата и таа е вткаена во секој дел од нивното живеење: обичаите и навиките од секојдневниот живот, развојот на технологијата и архитектурата, и како ние може да учиме од нив. Применувајќи ја јапонската методологија Каизен се трудиме постојано да се подобруваме и секоја година да ви приредуваме сè подобар фестивал. Овој пат ќе влечеме инспирација преку визионерските уметнички дела, перформанси и музички изведби, ќе научиме од јапонските вештини и искуства што може да ги примениме во нашето општество, култура и само дисциплина, ќе гејмаме и ќе се забавуваме!’, истакнуваат организаторите на Фестивалот „Јапан@мк“.
Фестивалот на Јапонска култура годинава со ново име – Сакура фестивал, ќе се одржи на први јуни на три сцени во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје.
Слоганот на фестивалот за оваа година е „Расцути ја иднината“, фрлајќи светло на нашата лична одговорност и ангажираност за тоа каква иднина ќе доживееме како заедница.
Пијанистката Дуња Иванова ќе се претстави со пијано концерт со композиции на Руичи Сакамото.
На прашањето штој ја инспирира од јапонската култура, Иванова вели:
„Инспиративна е примарната цел во јапонската култура преку создавањето на врски помеѓу луѓето и размената на добра. Градењето на одговорност за исполнувањето на социјалните обврски резултира со хармонија, ред и вложување во индивидуалниот развој на човекот. Тоа се вредности кои ме фасцинираат“.