Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Николас Шмит: Не треба конкретни датуми за членство во ЕУ, проширувањето да продолжи со фокус на владеење на правото

Шпицен кандидатот на европските социјалисти за претстојните европски избори, Николас Шмит, говорејќи за очекувањата на државите од Западен Балкан да станат членки на ЕУ до 2030 година смета дека не треба да се даваат конкретни термини, бидејќи на тој начин се создаваат очекувања, кои доколку од различни причини не се исполнат, потоа креираат големо незадоволство. Шмит во интервју за Европската новинска редакција (ЕНР), во која членува и МИА, нагласува дека во моментов најважно е да продолжи процесот на проширување, а на државите од регионот да им се овозможи да се реформираат согласно барањата за членство, при што фокусот треба да биде на владеењето на правото.

-Никогаш не би дал датум. Затоа што давањето датум создава очекувања и надежи. И ако не можете да го испорачате овој датум, тоа ќе создаде огромни разочарувања. Мислам дека она што е важно сега е да има процес на проширување, да продолжи процесот на зачленување, на нивно здружување, да им се даде поголема помош за да се приспособат на барањата за да станат членки на Европска унија. А фундаменталното прашање на тој пат е владеењето на правото, вели Шмит, кој е шпицен кандидат на Партијата на европските социјалисти (ПЕС) и актуелен еврокомесар за вработување и социјални права, во интервјуто за ЕНР.

Тој потенцира дека владеењето на правото е суштествено прашање и нагласи дека земјите-членки не смеат да ги затвораат очите пред таквите прекршувања. 

-Значи, не, нема да дадам датум, но се надевам дека можеме да го забрзаме процесот и навистина да се справиме со предизвиците. Комисијата даде предлози за процесот на проширување, кој треба да биде подинамичен, чекор по чекор, попрогресивен. И мислам дека ова е вистинскиот начин за сите земји кандидати, кои сепак се многу различни една со друга од Украина до Црна Гора, вели Шмит.

Во однос на тоа дали има исто мислење и за Грузија, која во декември лани стана кандидатка за членство, Шмит нагласи дека треба да се земе предвид геополитичката ситуација.

-Русија јасно покажа дека не се откажува од доминацијата и од креирањето превирања и ограничувањето на суверенитетот, на нејзините соседи. Ова е сериозна работа. Тоа уште еднаш ни ја потврдува руската стратегија, вели тој и додава дека Грузија треба да биде внимателно мониторирана.

Во светло на неодамнешниот напад врз словачкиот премиер Роберт Фицо, кој е од редовите на социјалдемократите, како и врз неколкумина европратеници во Германија и за тоа дали смета дека ЕУ полека станува жртва на серозна поларизација, тој вели дека таквите процеси се случуваат изминатите години и во нивно креирање, меѓу другите учествуваат есктремно десничарски сили. 

Напоменува дека физичкото насилство е природен следен чекор на ваквите сили и доколку не се спречи нивниот развој во европските општества тие се повеќе ќе ја поттикнуваат омразата. 

-Политиката нема никаква врска со омразата. Како што знаете политиката треба да ја развива демократијата…Треба да има дебати, различни ставови, но ако ја трансформирате политиката во бојно поле, во војна, во некој вид на студена граѓанска војна, тогаш станува опасна, а непресметливите луѓе ја земаат здраво за готово и се фаќаат за оружје, особено помладите. И тоа особено ме загрижува во Германија, тоа влијание врз младите луѓе, кои стануваат насилни, нагласува Шмит, кој додаде дека ова е голем предизвик за демократските општества. 

Во однос на очекувaњата од претстојните европски избори и за тоа дали очекува да освојат ист број пратеници, кој во момент изнесува 139  во над 700 члениот ЕП, вели дека задржувањето на сегашната бројка ќе го сметаат за добар резултат, но сепак сметаат дека ќе освојат повеќе мандати.

Шмит, кој е кандидат на ПЕС за иден претседател на ЕК, смета дека доколку не бидат прва политичка сила во идниот состав на ЕП, сигурно ќе бидат втора и нагласува дека социјалдемократите треба да го имаат следниот претседател на Комисијата. Други можни позиции кон кои целат се и претседател на Европскиот совет или претседател на ЕП.

Самото номинирање шпицен кандидат не значи и дека Шмит ќе остане во трката за претседател на Еврокомисијата и по изборите. На претходните избори во 2019 година таков беше случај со Европската народна партија (ЕПП), чиј шпицен кандидат беше Манфред Вебер, но на крајот функцијата ја доби неговата сонародничка и сопартијка, актуелната претседателка на ЕК, Урсула фон дер Лајен. 

Зачлени се на нашиот е-билтен