Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Филипче поднесе кандидатура за претседател: Од денес започнува реформата во СДСМ

Денеска е убав ден за демократијата бидејќи СДСМ е единствената партија во која членовите непосредно избираат претседател, наспроти делегатскиот систем, и поради тоа што овој ден означува почеток на реформа во партијата, изјави Венко Филипче, кој денеска ја достави својата кандидатура за претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.

Изборите во СДСМ се закажани за 30 јуни.

Како што истакна, Филипче во трката за претседател влегува сам бидејќи смета дека доколку биде избран тимот треба да биде формиран по завршување на внатрепартиските избори.

„Во моментов немам преговори со никого. Го слушнав повикот да се потпишат некакви изјави, но јас сметам дека не треба да има никакви ограничувања и сметам дека секој што ќе биде избран за претседател треба да го прави тимот понатака без разлика дали некој од нив учествувал во изборната трка или не. Тоа го чувствувам како поделеност уште на самиот почеток на процесот што и е најмалку потребно на партијата во овој период“, рече Филипче.

Тој уште еднаш повтори дека ќе ги повика неговите сопартијци, противкандидати на средба.

„Сметам дека треба да имаме фер плеј и тоа ќе го предложам на сите кандидати на средба на којашто ќе ги договориме сите детали поврзани со оваа претседателска трка за на крајот на оваа трка кој и да победи сите да излеземе заедно посилни. Поделби во овој период најмалку му се потребни на СДСМ“, рече Филипче.

Филипче потенцира дека во трката за претседател влегува посветено, професионално и ќе ги вложи целата своја енергија и знаење за реформирање на партијата. Програмата со која ќе се обиде да ја добие поддршката од членството, како што истакна, се темели токму на сугестиите, размислувањата и на барањата добиени од терен.

„Програмата се темели на информации сугестии, барања што ги слушнав од наши членови на честите средби што ги имав изминатиот период. Тие јасно укажаа што сметаат дека треба да се промени во партијата и сите тие мислења ќе бидат вклучени во програмата“, рече Филипче и упати порака до членството и поддржувачите дека ќе биде постојано достапен, дека ќе работи напорно и дека резултатите од неговата и работата на неговиот тим ќе бидат видливи многу брзо.

Зачлени се на нашиот е-билтен