Тензично во и надвор од албанскиот парламент, каде се одржува протест организиран од крилото на Демократската партија, на Сали Бериша и Партијата на слободата на Илир Мета, чии привзаници се судрија со полициските службеници распоредени пред зградата.
Во законодавниот дом, пленарната седница почнаа со тензии откако мнозинството го одби барањето на опозицијата да се расправа околу истражувачките стории на италијанската РАИ3 и најтиражниот германски весник „БИЛД“ каде Албанија е нарекувана наркодржава, како и барањето да му се дозволи на Сали Бериша, кој е во куќен притвор, да присуствува на седниците.
Најгласен беше Фљамур Нока, поранешен министер за внатрешни работи, кој заедно со дел од колегите од опозицијата ја блокираа говорницата, се судрија со припадниците на Националната гарда, кои се дел од обезбедувањето, по што по неколкуте опомени, претседателката на парламентот, Линдита Никола го исклучи Нока од седницата, обраќајќи му се со зборовите „Не ме плашиш, ти си човек на лице прогласено за нон грата. Срам да ви е“.
Поради недостиг на атмосфера за работа, Никола на двапати беше принудена да ја прекине седницата.
Многу потензично е пред парламентот каде демонстрантите, откако запалија гуми, фрлаа молотови коктели, камења и шишиња со вода кон полицајците, а започнаа и физички пресметки со полицијата, обидувајќи се да го пробијат кордонот и да влезат во Собранието, по што полицијата употреби и солзавец.
Обезбедувањето е засилено со припадниците на единицата за брзи интервенции, а во близина на објектот има и цистерни со вода, во случај на потреба.
Бериша, кој од декември е во домашен притвор од кога му беше одземен пратеничкиот имунитет, на крајот од минатиот месец му беа укинати сите финансиски привилегии, вклучително и пратеничката плата. Доколку до 11 месецов не присуствува на седница во парламентот го губи пратеничкиот мандат.