Пратеничката и една од кандидатите за нов лидер на СДСМ, Славјанка Петровска се огласи на социјалните мрежи по синоќешното гласање на законските измени за реорганизација и трансформација на министерствата во Владата. Петровска го „пецна“ ВМРО-ДПМНЕ, со оглед дека со поддршка од пратеници од Европскиот фронт беше донесено потребното 2/3 мнозинство за да бидат усвоени законите.
-Каде сте „патриотчиња“? Каде сте, кај отидовте? За вас плаче… На власт се, не ги барајте, објави Петровска, додавајќи „ДПМНЕ + ДУИ е еднакво на срце“.
Неколку часа по полноќ, Собранието со 88 гласа „за“ и 22 „против“ ги донесе измените и дополнувањата на Законот за организација и работа на органите на државната управа, со што се создаваат услови за формирање на нова Влада која треба да биде предводена од мандатарот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. За измените на Законот гласаа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, на коалицијата ВЛЕН, на движењето ЗНАМ, како и пратеници на Европскиот фронт предводен од ДУИ.
ВМРО-ДПМНЕ и Европскиот фронт синоќа објавија дека постигнале договор за поддршка за измените, како и за формирање на ад хок комисија во Собранието за правична застапеност.
ДУИ има 18 пратенички мандати во Собранието, исто колку што и СДСМ.
Преземено од 24Инфо.мк