Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Филипче: Нови партиски тела за подобра организација, но и за одговорно и етичко однесување во СДСМ

Нови партиски тела, промена на моделот на избор и назначување на претседателите на општинските организации и кандидатите за градоначалници како и воведување на секторски комисии како форма на надзор над работата на владата и министерствата се само дел од организациските промени што Венко Филипче ги предлага во својата програма како кандидат за претседател на СДСМ.

Како што веќе изјави, Филипче во партиската програма со која претендира да биде претседател на СДСМ ги има инкорпорирано идеите и размислувањата добиени од средбите со членството за време на кампањата за парламентарните избори. Овие тела и нивните функции, Филипче ги објави и на својот Фејсбук профил.

Советот за политика и стратегија ќе биде составен од политичари, експерти и надворешни соработници кои на дневна основа ќе ги анализираат политичките состојби и ќе креираат стратегии и политики за партијата.

Поранешните политичари на СДСМ со долгогодишно искуство, пак, ќе го сочинуваат Советот на ветерани на партијата и ќе го советуваат претседателот.

„Користејќи го големото значење и искуство на неговите членови, СДСМ во иднина ќе носи издржани стратешки одлуки. Советот ќе игра клучна улога во зајакнување на кохезијата во партијата и обединување на сите струи и крила“, пишува во објавата на Филипче.

Покрај овие совети, Филипче во програмата предвидува формирање и на Комисија за етика и одговорност чијашто задача ќе биде да врши надзор над работата на партиските функционери и да обезбеди сите членови  на партијата, од најниско до највисоко раководно ниво, да се придржуваат до кодексот на однесување на партијата

„Создавањето на Комисијата за етика и одговорност е критичен чекор во обезбедувањето транспарентност и етичко однесување во СДСМ“, наведува Филипче.

Покрај Филипче во трката за претседател на СДСМ влегуваат и Славјанка Петровска, Јован Деспотовски и Александар Бајдевски. Изборите за претседател на партијата ќе се одржат на 30 јуни.

Зачлени се на нашиот е-билтен