Здружението за истражување, заштита и промоција на културното наследство „Вулгус“ од Скопје вечерва во 20 часот во „Мала станица“ во Скопје ја организира изложбата Aeterna Nova (кованица од латинските термини „вечна“ и „нова“).
Станува збор за мултимедијална изложба посветена на облековната култура на сите етнички заедници кои живеат во Македонија. Оваа изложба презентира нов начин на промовирање и претставување на начинот на облекување од крајот на 19 и почетокот на 20 век, конципирајќи ја како мода, наместо како традиција.
Куратор и режисер е Филип Петковски, фотографи се Марко Марјановиќ и Жарко Чулиќ, а за постпродукцијата на фотографиите се погрижи Ивана Мојсовска-Головска. Во изложбата се користени народни носии од колекциите на Костадин Балкански, Дамјан Ристовски, Ансамбл „Студио фолклор“ и Фолклорното студио „Етнос“.
Модели на фотографиите се: Еџе Али и Марко Марјановиќ, фотографи, танчерката Билјана Балканска, режисерката Дина Дума, музичарите Лука Ѓоргиевски (Фанк Шуи), Дина Јашари и Зарина Првасевда, актерките Емра Куртишова, Симона Спировска, Наталија Теодосиева и Камка Тоциновски, моделот Катарина Ивановска, Венера Крлиу, професорка и проректор за настава при Универзитет „Американ колеџ“ од Скопје, примабалерината Мими Поп Алексова и рекометарот Мартин Томовски.
– Црпејќи инспирација од Camera Lucida на Роланд Бартс, оваа изложба се служи со неговите концепти наречени studium и punctum за да ја артикулира дуалната природа на фотографската интерпретација. Конкретно, во ова видување, studium-от реферира на историското и културното значење на народните носии, односно модни избори направени од локалното население кои евоцираат културни и општествени норми. Меѓутоа, со претставување на овие костими како насловни страници на модни списанија, изложбата воведува punctum, односно современа реинтерпретација која ги повикува гледачите да ги согледаат овие артефакти надвор од нивниот конвенционален контекст. Овој пристап не само што ја демистифицира поврзаноста на народните носии со патриотизмот, национализмот и патријархалното угнетување, туку ги претставува како симболи на индивидуална и заедничка креативност наместо артефакти од минатото – велат организаторите.
Потенцирајќи ја сложената изработка на самоуките креатори на овие костими, изложбата им оддава почит и сугерира дека овие традиционални вештини треба да се ценат не само поради нивната историска вредност, туку како трајни изрази на културниот идентитет и креативноста на луѓето од едно минато време.
Оваа способност на фотографијата да ја долови и реконтекстуализира историјата е особено релевантна бидејќи ваквата реконтекстуализација ја предизвикува перцепцијата за овие облеки како застарени и ирелевантни. Наместо тоа, Aeterna Nova ги позиционира како динамични елементи на современото културно изразување, истакнувајќи ја нивната естетска вредност и вештината вклучена во нивното создавање. Проектот е финансиран од Министерството за култура.