Се крадат грозје, садници, делови од системи за наводнување и од земјоделски машини, алати и други предмети од ниви и земјоделски имоти на територијата што ја покрива Секторот за внатрешни работи – Велес. Оваа информација ја потврди за МИА, Биљана Ѓаковска, портпарол во СВР – Велес.
-Од почетокот на годината до 18 септември, во СВР – Велес пријавени се вкупно 35 кражби во ниви и земјоделски имоти. Притоа, во четири случаи било одземено грозје од лозови насади. Исто така, граѓаните пријавувале дека им биле одземени дрвја – садници, делови од системи за наводнување, делови од земјоделски машини, алати и други предмети, појасни Ѓаковска.
Инаку, кавадаречката полиција на 15 септември приведе три лица од Кавадарци, поради кражба од нива.
-Полициски службеници од ОВР – Кавадарци ги лишиле од слобода Н.В., на возраст од 43 години, Р.В., 20-годишно лице и 41-годишната С.В., поради извршена кражба од нива во близина на Кавадарци, сопственост на Л.Р., 54-годишно лице од кавадаречкото село Ваташа, беше тогаш официјалната информација од СВР – Велес.
Оттаму тогаш додадоа дека по документирање на настанот, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.