Министрите за надворешни работи на Грција и Северна Македонија, Јоргос Герапетритис и Тимчо Муцунски утре ќе остварат билатерална средба во Њујорк на маргините на Генералното собрание на ОН, јави денеска дописничката на МИА од Атина.
– На маргините на Генералното собрание, господинот Герапетритис ќе има одделни билатерални средби со министрите за надворешни работи на Боливија, Северна Македонија, Бахреин и Саудиска Арабија, пишува во соопштението од Министерството за надворешни работи на Грција.
Средбата ја соопштија од грчкото МНР во рамки на активностите и состаноците што министерот за надворешни работи на Грција ќе ги има во текот на денешниот и утрешниот ден, а ја потврдија и извори од македонското МНР за известувачот на МИА од Њујорк.
Муцунски и Герапетритис утре ќе учествуваат и на Министерскиот состанок на неформалната група „Пријатели на Западен Балкан“, во присуство на министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан.
Ова ќе биде прва средба на шефовите на дипломатиите на двете земји.
Добро е што ќе се сретнат, но се наметнува прашањето зошто Министерството за надворешни работи и надворешна трговија не ја соопштија средбата. Ниту сега, ниту досега нема информација за средбата Муцунски-Герапатритис на веб страницата на МНРиНТ, ниту, пак, на профилите на социјалните мрежи на нашето министерство или на министерот Муцунски.
Последното инфо на Муцунски на социјалните мрежи е на платормата Х каде што информира дека на пат кон Њујорк за да присуствува на 79-тото Генерално собрание на ОН, се сретнал со претседателот на Европскиот Совет шарл Мишел. На Фејсбук страницата на МНРиНТ последна објава е таа за средбата на Муцунски во генсекот на НАТО Јенс Столтенбер на 19 септември. Ништо за средбата со Герапатритис ни тука.
Зошто Муцунски ја крие средбата со Герапатритис па таа до македонската јавност мораше да дојде преку соопштението на Министерството за надворешни работи на Грција?
На средината на јули, Муцунски и Герапетритис остварија телефонски разговор, а во фокусот беше справувањето со пожарите што тогаш беа активни кај нас.