„Треба да сфатат ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски дека веќе не се опозиција, туку да си ја сфатат работата сериозно и да знаат дека имаат сериозна одговорност и пред државата и пред граѓаните“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче во „Само интервју“ на Канал 5.
Тој додаде дека во моментов ВМРО-ДПМНЕ ја нема поддршката што премиерот Мицкоски мисли дека ја има.
„Тие луѓе гласаа за нешто друго. Тие луѓе гласаа за подобрување на нашата положба во пристапните преговори со ЕУ, а излезе дека ВМРО-ДПМНЕ ги лажеле граѓаните“, истакна Филипче.
Претседателот на СДСМ рече дека ВМРО-ДПМНЕ нема право да си игра со иднината на државата и со луѓето кои живеат тука.
„Прашањето во сите анкети за тоа дали граѓаните сакаат да бидат дел од ЕУ е апсолутно позитивно и огромен дел од граѓаните тоа го посакуваат“, укажа Филипче.