Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

„Експлозивен ајвар“ под боите на македонското знаме во Атина

Со „Експлозивниот ајвар“, како што е името што му го дале на роботот, петмина средношколци од Северна Македонија и нивните двајца ментори ќе учествуваат на светскиот натпревар по роботика „FIRST Global Challenge“ што од денеска до недела се одржува во Атина и заедно со нивни врсници од над 190 земји ќе се обидат да најдат одржливи решенија преку инженерството и роботиката за глобалните проблемите меѓу кои и справување со кризата со храна, јави дописничката на МИА од Атина.

Учениците Димитриј Митковски, Елени Трпковска, Давид Маневски, од средното училиште „Георги Димитров“, ученикот Тимотеј Николовски од „Михајло Пупин“ и Марко Јанкуловски од средното училиште „Јахја Кемал“, заедно со нивните ментори Јаков Спировски и Ален Куљеван се подготвени за предизвиците на овогодинешниот натпревар.

Непосредно пред почетокот роботската Олимпијада, дописничката на МИА од Атина, го посети штандот на нашата репрезентација на стадионот „Мир и пријателство“, каде што се одржуваат натпреварите, поразговара со членовите на тимот, кои ги споделија нивните очекувања и искуството, а говорат и за роботиката во нашата земја, за која велат дека постои интерес од младите, но недостига промоција и поддршка.

Двајцата ментори веќе имаат искуство на натпревари во роботика, Јаков Спировски учествувал како натпреварувач, Ален Куљеван и претходнo ја имал истата задача како сега, а двајцата изразуваат оптимизам за учеството и ја коментираат дадената задача за сите натпреварувачи.

-Оваа година предизвикот на Олимпијадата во роботика е „Хранење на иднината“, која симболично, преку топки, што се светските проблеми што се моментално актуелни и тие топки претставуваат некој вид на храна, енергија или вода, преку кои се докажува пораката за подобрување на иднината преку роботика и сите природни науки што можат да се вклучат за подобрување на иднината на човештвото, вели менторот Спировски.

– Прилично е тежок предизвикот со оглед на тоа дека се лимитирани деловите кои ги добиваме, но го надминавме, иако оваа година се користат поголеми топки кои треба да се пренесат во боксовите, роботот функционира супер, вели другиот ментор Куљеван.

Во однос на подготовките, Спировски објаснува дека имале околу две седмици за да се подготват со просторија, а само девет работни дена кои, како што вели, ги искористиле ефективно за да го направиме самиот робот.

-Иако годинава имавме малку помалку време имавме во однос на претходните години сепак мислам дека успеавме да направиме доста солиден робот и робот што може добро да перформира и надеж да освоиме некоја награда, објаснува менторот.

„Експлозивниот ајвар“ подготвен за тридневниот предизвик

Членовите на тимот за МИА објаснија дека на роботите најчесто им се даваат женски имиња, но и барале нешто што ќе биде традиционално македонско, па така, дошле до идејата роботот да се вика ТЕА, односно првите три почетни букви од „The Explosive Ajvar“.

Ученичката Елени Трпковска, единственото девојче во нашиот тим објаснува како функционираат и како меѓусебно се координирани.

-Секој има своја задача, на пример имаме еден задолжен за програмирање на целиот систем, како да работи, како да функционира, како да се движи роботот. Се поделивме по двајца бидејќи сме петмина, останатите четворица, секој работеше на различен дел за склопување, зашрафување, обработка на изгледот на роботот, објасни средношколката.

Вели дека тешкотиите со кои се соочиле биле минимални, првично бидејќи на сите од тимот им е прво учество, а второ додека да се запознаат со деловите, како функционираат за да знаат како да ги склопат, но „сето тоа брзо се реши“.

– Иако имавме кратко време за да го составиме роботот, сега за сега во фазата на тестирање и пробување ни оди добро и роботот се однесува супер, посочува менторот Куљеван.

Ова не е прво учество на Северна Македонија на „FIRST Global Challenge 2024“, а најдобриот пласман го имавме во 2022 година во Женева, кога тогашните натпреварувачи го освоија третото место, кога темата беше еколошка, како што објаснува менторот Спировски, кој тогаш беше натпреварувач.

Со искуство на натпревари во роботика како менторот е Куљеван, а во однос на тоа дали постои интерес кај младите во Северна Македонија за оваа област вели дека „моментално не е многу популарна“.

– Но, се трудиме да ја рашириме таа култура, бидејќи имаме способност, имаме многу паметни деца за тоа да го изведеме, посочува тој.

Со сличен став се и учениците, кои објаснуваат дека нивните врсници не се многу информирани, не се запознаени со конкретната област, а нивните другари кога дознале за учеството ги прашале „како и ние да се пријавиме“, со што посочуваат дека сепак, потребна е поголема промоција.

Средношколците Марко Јанкуловски и Тимотеј Николовски, за МИА раскажуваат како се пројавила нивната љубов кон роботиката.

Марко вели дека уште од мал имал интерес за тоа како функционираат разни уреди во домаќинството, кои заедно со неговиот дедо ги отворале и гледале како функционираат со што тоа станало негово хоби, додека пак Тимотеј започнал со отворање и „проучување“ на електронските колички на далечинско.

– Мене ми е хоби да правам од стари материјали и од стари електронски уреди некои нови изработки и тоа ме доведе до роботиката, вели Јанкуловски

Од учеството на натпреварот и двајцата очекуваат да се запознаат со нивни врсници од целиот свет, да разменат искуства за роботиката, но и да постигнат успех.

Свечено отворање на античкиот олимписки стадион во Атина со настап на „Блек ајд пис“

Со оглед на тоа што конкретното натпреварување го следи моделот на Олимпијадата, свеченото отворање се одржа синоќа, на историскиот антички олимписки стадион „Панатенаик“ во центарот на Атина, каде што се одржаа и првите модерни Олимписките игри.

А во ист дух беше и претставувањето на тимовите, натпреварувачите од 193 држави, по азбучен ред парадираа на стадионот, секоја со своето знаме и со еден знаменосец.

Присутни на отворањето, што траеше над три часа, беа министерот и заменик-министерот за дигитално управување како и основачот на „FIRST Global Challenge“, кои има свои поздравни обраќања. 

Позитивната атмосфера на историскиот стадион, дополнително ја „вжешти“ групата „Блек ајд пис“, кои беа најавени како специјални гости и ги забавуваа присутните на крајот од свеченото отворање.

Натпреварите во роботика започнуваат утрово и ќе траат до недела.

Грција за првпат е домаќин на годишниот натпревар по роботика на иницијатива на Министерството за дигитално управување, додека „FIRST Global“ е американска непрофитната организација што има за цел да ги инспирира и поттикне младите умови преку науката, технологијата, инженерството и математиката.

Според организаторите, овогодишниот предизвик „Хранење на иднината“ ги инспирира учесниците да ја искористат својата креативност и критичкото размислување за да дизајнираат и изградат робот. Тимовите ќе мора да управуваат со својот робот во симулиран свет кој ја нагласува сложената и меѓузависна врска помеѓу системите за вода, храна и енергија, додека ги балансира овие глобални ресурси за да поддржи одржлив систем за храна.

Велат „FIRST Global Challenge 2024 е повеќе од натпревар, таа е прослава на креативноста, генијалноста и духот на соработка на младите луѓе од секој агол на светот“, а учениците ќе се сретнат во Атина за да ги споделат своите идеи и решенија и ќе имаат „заедничка цел да изградат одржлива иднина за храна за сите“.

Од 2017 година кога FIRST Global Challenge се одржа во Вашингтон се промени системот и се следи примерот на Олимписките игри, со што секоја година домаќин е различен град.

Во изминатите години домаќини на светските натпревар по роботика, освен Вашингтон, беа Мексико (во 2018 година), Дубаи (2019 година), Женева (2022 година) и Сингапур (2023 година).

Сања Ристовска

Фото/Видео: МИА

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново