Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Костов: Поради стресот кардиоваскуларни заболувања има и кај млади лица

Се намалува возраста на лица со срцеви заболувања, неопходно е да се дејствува превентивно и врз работи на кои може да се влијае. Ова меѓу другото го истакна денеска Јорго Костов од Македонското здружение по кардиологија на одбележувањето на Денот на срцето, одговарајќи на новинарски прашања.

– За жал, возраста се намалува. Тоа е фактички придонес од севкупниот начин на живот, темпото на живот. Покрај многуте други фактори, можеби еден од најголемите, исто така е и факторот стрес. Тоа е причината што многу млади луѓе се јавуваат со проблематики, симптоми. Во многу порана возраст од тоа што беше случај во претходните години. Секако дека тука е семејната оптовареност исто така, секој пациент е индивидуа сам за себе, додаде Костов на настанот на Клиниката за кардиологија во Скопје.

Притоа, тој посочи дека не може да се генерализира, да се каже, кај кој пациент би можело да се јави одредена симптоматологија, порано или подоцна.

– Меѓутоа, таму каде што има семејна оптовареност, луѓе што во семејството имаат близок со такви проблеми, сплет на состојби, дијагнози, болести, може да придонесат да се јави кардиоваскуларно заболување во порана возраст. Меѓутоа, за жал, факт е дека веќе има пациенти со акутна симптоматологија кои се 40, 35, некогаш и 30 години. Тоа не беше така пред дваесетина години. Од стресот не може да се избега, па ќе мора да се најде некој баланс во работите што може да се променат. Може да се променат исхраната, физичката активност, честотата на превентивни кардиолошки прегледи, да се прекине со пушењето, тоа е она што може да се направи. За да се превенира и да се намали ризикот што може да придонесе за здравствени проблеми, подвлече Костов.

Факт е, истакна тој, дека во последните години, свесноста на пациентите е многу подигната и пациентите сѐ порано и порано доаѓаат на преглед, или доаѓаат кога ќе се јават одредени симптоми.

– Задоволни сме со трендот што го има. Секако дека апсолутно има простор за подобрување во целиот овој процес. Ќе работиме на тоа. Се надевам дека со вакви акции, тој процент уште повеќе ќе се зголеми. Бидејќи во многу ситуации во кардиологијата, раното доаѓање е многу важно, бидејќи на тој начин може да се спасат многу животи. Чекањето секогаш може да биде фатално, одговори Костов на новинарско прашање.

Директорот на Клиниката за кардиологија, Беким Поцеста рече дека се тука да го одбележат Светскиот ден на срцето, чие мото оваа година е повик кон глобална акција, повик кон масовно потпишување на петиција за подобро срцево здравје, кое е фундамент на нашата благосостојба.

– Оваа година, повеќето од препораките за лекување на срцевите заболувања го овластуваат пациентот да учествува во грижата за своето здравје. Затоа сме ние тука заедно со нашите пациенти. Ќе сториме сѐ за да ја вратиме меѓусебната доверба на здравствениот кадар со пациентите на највисоко ниво. Ние кардиолозите, не ги гледаме пациентите како пасивни приматели на здравствени услуги, туку како активни учесници кои работат како партнери заедно со нас во интерес на зачувување и унапредување на здравјето на нацијата, подвлече директорот.

Поцеста посочи дека срцето како мал, но, моќен орган, е центар на животот, неуморно работи без одмор и пауза.

– Наша должност е да водиме грижа за него со истата посветеност. А, тоа не бара многу. Бара – 150 минути умерена физичка активност неделно, водење грижа околу исхраната, регулирање на крвниот притисок, шеќерот и мастите во крвта, прекинување на употреба на никотин и ограничување на внесот на алкохол, дециден беше директорот.

Пред присутните се обрати и Загорка Блажевска, претседател на здружението „Нутри баланс“. Таа рече дека основната цел на здружението на нутриционисти и диететичари е унапредување на здравите навики и правилната исхрана на населението, преку активно учество во јавните политики, организирање настани, дебати и обуки. Здружението, како што беше посочено, се залага за одржлив локален и рурален развој во производството на здрава храна, евроинтеграција и регионална соработка. Дополнително, како што беше додадено, неговата работа е насочена кон превенција на болести преку исхраната и животниот стил, како и кон стручна и научна поддршка на членовите.

На настанот се обратија и двајца пациенти, кои говореа за позитивното искуство со медицинскиот персонал од Клиниката за кардиологија.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново