Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Вработените во гимназијата во Виница ја бојкотираат наставата, новата директорка ја обвинуваат за мобинг

Професорите и другите вработени во СОУ „Ванчо Прке“ во Виница втор ден ја бојкотираат наставата поради разрешувањето од функцијата на досегашниот директор и назначувањето нов в.д. директор, оценувајќи дека се работи за незаконска постапка.

За време на бојкотот сите професори се присутни во училиштето во текот на работното време, но воспитно-образовниот процес не се изведува во знак на протест. Просветни инспектори веќе направиле вонреден увид во состојбата и разговорале со претпоставените и со вработените.

– Новоназначената в.д. директорка нема интегритет да ја извршува функцијата поради мобингот врз нас, во што е поддржана од страна на нејзината сестра, како  секретар и архивар во училиштето, и нејзиниот сопруг, наставник по историја во истото училиште. Веќе почна да врши притисоци, да има агресивни испади и закани за парични казни кон вработените кои бојкотираат, иако сè уште официјално нема депонирано потпис и не е извршено примопредавање на функцијата со претходниот директор. Бидејќи увидовме дека градоначалникот на Виница, Миле Петков, нема слух за нашите проблеми и барања, иако сме веќе скоро 90 отсто од вработените, денеска до него доставивме барање за итно распишување оглас за нов директор. Во моментот кога ќе биде распишан огласот бојкотот ќе биде ставен во мирување и ќе продолжиме со држење на наставата, истакнуваат вработените во писменото известување до МИА.

Вработените во виничката гимназија, кои вчера го почнаа бојкотот на наставата откако претходниот директор ги известил дека е разрешен од функцијата, велат дека добиле одобрувања и охрабрувања во барањата за заштита на работничките права од голем број сограѓани, родители и ученици коишто добро ја познаваат ситуацијата во училиштето.

Градоначалникот на Општина Виница, Миле Петков веќе информираше дека според законските одредби функцијата на в.д. директорот е максимум шест месеци, а во овој период ќе биде објавен оглас за нов директор на кој ќе можат да конкурираат сите лица кои ги исполнуваат условите.

Зачлени се на нашиот е-билтен