Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Одлична можност за пензионерите, пример што треба да го следат и други компании

Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија и компанијата „Веро“ на почетокот на авуст оваа година склучија меморандум за соработка за вработување со договор за дело на пензионерите со цел подобрување нивниот материјален  статус на корисниците на пензија.

Менаџерката за човечки ресурси во „Веро“ Бојана Василевска Николовска, во разговор за Рацин.мк рече дека имале одличен одзив на оваа иницијатива и ги пополниле работните позиции со заинтересирани пензионери и повикот е сега засега затворен.

„Но, со оглед на динамиката со која работат маркетите на „Веро“ ние и понатаму ќе го објавуваме повикот преку Сојузот на пензионерите за да ја продолжиме оваа соработка“, ни рече Бојана Василевска Николовска, менаџерката за човечки ресурси во компанијата.

„Вработувањето” на пензионерите се одвива преку агенција за привремени вработувања, како ангажирани по договор на дело и носи дополнителни приходи за овие наши граѓани, покрај исплатата на редовната пензија, како остварено право.

Оваа можност за „вработување” одговара најмногу на пензионерите со ниски примања и за оние пензионери кои се работоспособни и во добра здравствена состојба. Пензионерите што склучиле договор ги имаат истите бенефиции како и останатите вработени, односно неделно работат 40 часа, плус еден ден слободен во неделата и им следува 20 дена одмор.

Претседателката на Сојузот на пензионерите за Рацин.мк рече дека оваа можност за пензионерите ја направиле според модел кој постои и во други земји за да се подобри материјалната состојба на пензионерите.

„Сакаме оваа иницијатива да ја прошириме и во соработа со други компании каде што постоајт услови да работат пензионери и да ги поттикнеме и на тој начин да се покажат општествено одговорни компании и од овој аспект“, ни рече Станка Трајкова, претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија.

Сега засега оваа иницијатива се оствари во Скопје, но од Сојузот се надеваат дека таа ќе предизвика интерес и меѓу компаниите во другите градови во државата.

Зачлени се на нашиот е-билтен