Обвинителството потврди дека примиле анонимна кривична пријава со наводи дека Бојан Христовски, директорот на АНБ, приложил исправа со невистинита содржина, за да ги исполни условите и да биде назначен за директор на тајната служба. Пријавата се однесува на јазичниот ТОЕФЛ сертификат на Христовски од бугарската јазична школа “Јулија”, а сертификати од “Јулија” во судски постапки во Македонија веќе се прогласени за фалсификати.
-Во текот на вчерашниот ден е примена кривична пријава од анонимен подносител, по што согласно законските одредби е отворен предмет и доделен на обвинител за работа, ни одговорија од обвинителството.
Ова е прва предистрага во обвинителството за Христовски и неговото назначување поради сомнежи дека не исполнува повеќе услови за вршење на највисоката безбедносна позиција во државата.
Првично, обвинителството соопшти дека ќе ја почека одлуката на Антикорупциската комисија, а одлуката на ДКСК ја чекаше и премиерот Мицкоски. ДКСК пак нема овластувања и законски механизми за истражни дејствија и порача дека секој може да си ги работи истрагите и обврските согласно законските надлежности.
Опозицискиот лидер Венко Филипче во Собранието покажа документи во кои според него сс гледа дека Христовски не го исполнува и клучниот услов за функцијата односно нема 5-годишен стаж на раководни позиции во безбедносни институции. Филипче рече и дека не смее директор на АНБ да има извршено кривично дело и тој треба да биде разрешен.
Премиерот Мицкоски пак одговори дека стажот од условите не е клучен во целиот случај туку стравот на некои структури е во некои припадници на службите, кои според него во претходниот период, како опозиционер, го следеле со дронови. Мицкоски извади и купче документи кои според него се јазични сертификати на припадници на сегашната опозиција или директори од времето на владеење на СДСМ.