Авионите на Камала Харис и на Доналд Трамп во саботата ја споделија пистата на аеродромот во Шарлот во Северна Каролина, додека двајца претседателски кандидати одржуваа избори во јужната држава, едната од неколкуте што ќе го определат исходот од претседателските избори во САД во вторник на 5 ноември.
Кандидатката на демократите – потпретседателката Камала Харис – и кандидатот на републиканците – поранешниот претседател Доналд Трамп – ги насочија своите напори речиси исклучиво кон Пенсилванија, Мичиген, Висконсин, Северна Каролина, Џорџија, Аризона и Невада.
Некои од нив како Пенсилванија и Северна Каролина даваат значен број на гласови во електоралниот колеџ, некои пак се екстремно непредвидливи со „променливи“ гласачи кои историски во разни избори гласале различно, за републиканец или за демократ. Затоа овие држави се нарекуваат и swing states.
Според националните анкети, сегашната претседателска трка е една од најтесните во последните децении. Рејтингот на кандидатите е драматично израмнет со мала предност на Харис.
Да потсетиме, резултатите од претседателските избори во САД не се одредуваат со општо гласање и броење на гласовите на национално ниво, туку со гласање на избирачкиот колегиум (електорален колеџ), во кој 48 од 50 држави ги доделуваат сите свои електорални гласови на победникот во нивната држава, додека Небраска и Мејн ги даваат гласовите според резултатите од гласањето како на државно, така и на ниво на конгресни окрузи.
Бројот на гласови на изборните делегати во секоја држава зависи од бројноста на популацијата, така што најбројните држави имаат најголема тежина во одредување на националниот резултат. На победникот му се потребни 270 од 538 гласа од електоралниот колеџ за да влезе во Белата куќа и од јануари да започне четиригодишен мандат.