Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ЦИВИЛ вчера со протест пред руската амбасада, повеќе европски земји ги повикаа руските дипломати на консултации поради смртта на Навални

Претставници на ЦИВИЛ вчера пред руската амбасада во Скопје, со протестно писмо по повод смртта на рускиот борец за демократија и човекови права, Алексеј Навални, се обратија до руските граѓани.

Некои од активистите на ЦИВИЛ носеа маички со ликот на Навални и слоганот Je suis Navalny, додека го читаа писмото насловено како „Отворено писмо до граѓанките и граѓаните на Руската Федерација“, пред руската амбасада во главниот град.

„Со тешко срце, жалиме за смртта на Алексеј Навални, лидер на борбата за демократија и човекови права, кој стана жртва на безмилосниот режим на еден геноциден диктатор. Иако телото на Навални подлегна на бруталноста на режимот, неговото наследство живее, овековечено во срцата и умовите на илјадници храбри руски граѓанки и граѓани кои, во чествувањето на неговиот живот, се соочуваат со бруталност и смрт од рацете на руската влада“, се вели во отвореното писмо на ЦИВИЛ.

Претставниците на ЦИВИЛ изјавија дека името на Навални и неговата неуморна борба за демократија и човекови права ќе опстојуваат во срцата и умовите на слободољубивите луѓе ширум светот, како и во Руската Федерација.

Според ЦИВИЛ, одговорноста за смртта на еден затвореник се наоѓа само и само во државата.

„Итно ги повикуваме руските власти да дозволат независна истрага за околностите на смртта на Алексеј Навални во сибирската казнена колонија“, порачува ЦИВИЛ.

Организацијата испорача и неколку барања, како што се ослободување на политичките затвореници во Русија, крај на војната против Украина, и изнесување на Путин пред меѓународната правда.

Откако го прочитаа писмото пред амбасадата, во присуство и на новинарки и новинари од две национални телевизии и неколку интернет медиуми, активистите ги ставија пораките во поштенското сандаче на амбасадата.

Една активистка положи и цвеќе, држејќи натпис на кој беше една од славните изјави на Навални:

„Ако решат да ме убијат, тоа значи дека сме неверојатно силни!“

Писмото беше прочитано на македонски, албански и англиски.

На новинарско прашање, претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, објасни дека писмото е наменето за руските граѓанки и граѓани, но дека го упатуваат и до руските дипломати во Скопје. Тој повика на поддршка за протестите по повод убиството на Алексеј Навални.

Потоа, Дерала прочита и пораки со познати изјави од Навални.

Неколку европски земји ги повикаа руските амбасадори на разговори по минатонеделната смрт на главниот критичар на Кремљ Алексеј Навални.

– Политички мотивираното судење против Навални, како и многу други критичари на руската Влада, како и нехуманите услови на притвор ја покажуваат бруталноста со која руското правосудство се однесува кон оние кои мислат поинаку, а исто така и средствата со кои претседателот Владимир Путин ја потиснува слободата на изразување, се наведува во соопштението на германското Министерство за надворешни работи.

Берлин исто така бара од Москва да ги ослободи сите политички затвореници во Русија, како и да ги разјасни околностите за смртта на Навални, кој, според руските власти, на 16 февруари починал во затвор и да му дозволи на семејството пристап до посмртните останки.

Од петокот стотици демонстранти протестираат пред Амбасадата на Русија во центарот на Берлин. Во 2020 година, по обидот за труење, Навални се лекуваше во Берлин.

Министерство за надворешни работи на Финска соопшти дека го повикало на консултации рускиот амбасадор за „да се нагласи дека Русија е одговорна (за смртта на Навални) и да побара целосна и транспарентна истрага.

– Продолжуваме да повикуваме на ослободување на сите политички затвореници во Русија, објави финското МНР на платформата Икс.

И шведското и шпанското Министерство за надворешни работи го повикаа на консултации рускиот амбасадор.

Естонија, Летонија и Литванија ги повикаа на разговор вршителите на должноста во руските амбасади во нивните земји.

На разговорите во Талин, Рига и Вилнус, балтичките земји ја осудија смртта на Навални и повторија дека Кремљ е одговорен за тоа. Тие, исто така, ја повикаа Москва целосно да ги објасни околностите за смртта на Навални и да го предаде неговото тело на семејството.

Министрите за надворешни работи на балтичките земји во заедничка изјава ги критикуваа и претстојните претседателски избори во Русија, кои, според нив, нема да бидат ниту слободни ниту фер.

– Поради целосното задушување на опозицијата и независните медиуми, недостатокот на кредибилни алтернативни кандидати и отсуството на меѓународен надзор, овие избори нема да имаат демократски легитимитет, се наведува во заедничката изјава.

Велика Британија уште на 16 февруари го повика на консултации дипломатите од Амбасадата на Русија.

Навални (47) поранешен адвокат, како што наведуваат руските режимски власти, починал на 16 февруари по прошетка во Казнената колонија на поларните волци во Харпа, на околу 1.900 километри североисточно од Москва, каде што издржуваше 30-годишна затворска казна.

Руските истражители сè уште не ја утврдиле причината за смртта на Навални, чија портпаролка наведе дека руските власти одлучиле да го задржат телото на починатиот опозициски лидер уште 14 дена за да извршат „некаков вид на хемиско испитување“.

На мајката на Навални и се одбива пристап до неговото тело веќе трет ден, соопшти неговиот тим во понеделникот додека неговата сопруга се подготвува да се сретне со европските министри за надворешни работи.

Сопругата на рускиот опозициски лидер, Јулија Навални, во видео објавено денеска вети дека ќе продолжи со работата на својот сопруг, обвинувајќи го рускиот претседател Владимир Путин дека го „убил“.

„Пред три дена Владимир Путин го уби мојот сопруг Алексеј Навални. Путин го уби таткото на моите деца. Со него (Путин) сакаше да ја убие нашата надеж, нашата слобода, нашата иднина“, рече таа во видеото објавено на социјалните мрежи.

Ј. Ѓ. (Фронтлајн)

Треба да знаете
Moже да ве интересира