И во евентуална нова постапка, Стразбур нема да има што да одлучува за аболицираните на Иванов ако судските и институциите на државата ги спроведат следните постапки

Зоран БОЈАРОВСКИ

Ако судските и институциите на државата ги спроведат неопходните постапки, Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур нема да има за што да одлучува доколку аболицираните на поранешниот претседател на државата Ѓорге Иванов решат повторно да се жалат пред овој суд кој на 16 февруари ги упати прво да ги исцрпат сите предвидени постапки и процедури во државата, а потоа да се јават во судот на брегот на реките Ил и Рајна.

Со одлуката од 16 февруари, ЕСЧП меѓу редовите на правната одлука до правосудството во Северна Македонија испрати и порака дека на судските институции во земјата им претстои да ги „поправат“ сите системски и процесни грешки што ги предизвика поранешниот претседател Иванов, логистички поддржан, или изманипулиран и доведен во заблуда од тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ и тогашниот министер за правда Михајло Маневски.

Се сеќаваме дека правното бесчестие и булдожерско рушење на правниот поредок во државата во 2016 година започна со одлуката на тогашниот Уставен суд да ги укине измените и дополнувањата за Заоконот за амнестија од 2009 година, што како поднесок дојдоа од Ристо Китески, млад адвокат во адвокатска канцеларија која застапуваше дел од обвинетите во „Титаник“.

Во разговор за Рацин.мк дел од некогашните и долгогодишни судии на Уставен суд се сеќаваат дека до тогаш ниту еден предмет не бил толку експресно прифатен и подготвен од судијата известител Никола Ивановски.

Врз основа на неговиот реферат кој беше експресно ставен на дневен ред на седница на Уставниот суд, судиите со мнозинство гласови ги укинаа измените на Законот за помилување од 2009 година, и помислија дека со тоа му овозможуваат на претседателот на државата да донесува одлуки за помилување и за аболиција.

Тогаш четворица уставни судии, Гзиме Старова, Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлиша и Сали Мурати, гласаа против ваквата одлука со којашто му се даваат ингеренции на претседателот на државата да помилува лица осудени за определени кривични дела како што се против изборите и гласањето, против половата слобода и половиот морал сторени спрема деца и малолетни лица, односно за педофилија, против здравјето на луѓето по однос на неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, како и за кривични дела против човечноста и меѓународното право.

Во хистеријата на власта на ВМРО-ДПМНЕ, и на судиите од тефтерчето на Гордана Јанкуловска, да се заштитат тогашните првенци од власта над кои висеа судски процеси за тешки кривични дела и по цена да се сруши правниот поредок и правната држава, актерите на ова злодело не сфатија дека дури и со укинувањето на комплетниот текст на измените и дополнувањата во Законот за амнестија од 2009 година, тие не само што не го вратија членот 11 од 1993, туку и не ги поништија судските одлуки од 1993 до 2009 година.

Но на окупаторите на правниот систем тоа ништо не им значеше тоа, а укинувањето на овие членови од Законот беа увертира во одлуката на претседателот Ѓорге Иванов од 12 април 2016 година, за помилување на 56 политичари и други лица.

За да биде збрката уште поголема, на листата на Иванов се најдоа и лица за кои немаше ниту една основа да бидат таму што ја запрепасти јавноста и се создаде дополнителен хаос што дополнително ја енергезираше улицата и „Шарената револуција“.

Само две недели подоцна уште еден апсурден и правно бесмислен потег на Ѓорге Иванов, кога ја повлече аболицијата и тоа само за 22 лица од неговата листа, а останатите ги повика самите да побараат да бидат тргнати од неа, предизвика уште еден бран правен хаос и политички турбуленции.

Нашите соговорници не исклучуваат дека Иванов ова го направил после телефонските разговори и средби на неколкумина амбасадори во земјата. Се сеќаваме дека еден од нив беше амбасадорот на Обединетото Кралство Чарлс Герет тогаш праша на Твитер: „Каква е оваа вест за амнестирање на кривични дела за изборни нерегуларности?“

Многу вода од тогаш протече под мостовите на Ил и Рајна во Стразбур, а и под мостовите на Вардар во Скопје и непроценливи штети беа направени и за државата и за судскиот систем, како и за огромното мнозинство граѓани кои веруваа дека правдата конечно ќе си го заземе своето место во македонското општество.

Токму затоа, како своевиден катарзис, односно олеснување, дојде одлуката на ЕСЧП од Стразбур на 16 февруари да се отфрли жалбата на адвокатите на аболицираните со укажување дека не се искористени сите правни средства во случајот со аболициите на Ѓорѓе Иванов.

– Сите разбравме што сака да каже Судот. Тоа е дека во оваа фаза не сака да одлучува мериторно во делот на амнестијата и помилувањето, односно сите оние жалбени наводи кои беа дадени од апликантите за повреда на членот 6 од аспект на правната сигурност и од аспект на владеење на правото, туку сепак се реши на некој начин да го почека и да го слушне мислењето и на нашиот Врховен суд, како највисок суд во државата, изјави поранешниот владин агент во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур, Костадин Богданов

Првиот чекор: Врховен да донесе мислење за непостоењето на членот 11 во правниот поредок

Првиот чекор треба да го направи Врховниот суд. Врз основа на својата законска должност и надлежност Врховниот суд на Република Северна Македонија, како највисок суд во државата го обезбедува единството во примената на законите од страна на судовите.

Во конкретниот случај, кога станува збор за непостоењето или постоењето на фамозниот член 11 од Законот за помилување, за овој суд како една од приоритетните обврски е да се произнесе со правно мислење или став дали членот 11 од некогашниот Закон за амнестија постоел или не во моментот кога поранешниот претседател Ѓорге Иванов ја донесе одлуката за аболиција.

Правното мислење на Врховниот суд ќе биде од огромна важност прво за унифицирање на судската пракса и за отстранување на карамболот со правниот систем што го направи Иванов со одлуката за аболиција.

Со тоа правно мислење Врховен суд ќе утврди дека нема Аболиција, односно дека таа е – ништовна.

Собранието да организира седница за автентично толкување на Членот 11

Вториот чекор треба да го направи Собранието на Република Северна Македонија и со автентично толкување да се изјасни конечно за член 11.

Собранието со свое автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување може да го потврди тоа што го тврдеше и го тврди стручната јавност сите овие години наназад, а тоа е дека членот 11 на кој Иванов ги засноваше своите масовни помилувања, не постоеше во моментот кога ја донесе аболицијата, односно дека одлуката на Уставниот суд од март 2016 година за укинување на Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување од 2009 година, не го оживеа стариот член 11 од законот.

Во рацете на Собранието, заедно со постапката што за истата работа треба да ја спроведе Врховниот суд, е еднаш за секогаш да се затвори ова прашање.

Според Уставот и законската регулатива, како и според деловникот на Собранието оваа постапка уште денес можат да ја иницираат пратениците кои покрај барање за автентично толкување може да бараат и итна седница на Собранието за ова прашање.

Преку ова прашање уште еднаш ќе се види кој е за правда и за казни за оние кои се огрешиле од законот, а кој е за амнестија и помилување.

Пред пратениците од сите пратенички групи е како ќе се постават во овој случај, како поддржувачи и застапници на правдата или како бранители на криминалот.

Со овие корекции на правниот систем, сериозно оштетен од постапката на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, ќе ѝ се даде шанса на правната аргументација за победа на Северна Македонија и во евентуална втора постапка на аболицираните пред Европскиот суд за човекови права.

Доколку дојде до тоа ЕСЧП повторно да го разгледува овој случај, благодарение на мислењето на Врховен суд и на автентичното толкување на Собранието, судот во Стразбур ќе се „соочи“ со фактичка состојба дека во постапката на Иванов воопшто и не станува за аболиција, донесена па укината, туку станува збор за неважен акт и документ без правна основа.

Има ли елементи за можна постапка против Иванов дека свесно направил кривично дело?

Уште тогаш, во 2016 година, угледни правници и професори укажуваа на тоа дека Ѓорге Иванов аболицијата ја прави надвор од законските нормии со потписот на указот за аболиција, за која немало правна основа. „Тој го прекрши законот“, категоричен беше тогаш професорот по уставно право Шкариќ.

„Незаконска е одлуката на Иванов. Она што е крајно закрижувачки е од каде на претседателот  му се податоците за отворените кривични постапки. Тој  најверојатно сторил и кривично дело повредна на тајноста на истрагата“, објаснуваше тогаш универзитетскиот професор по уставно право Осман Кадриу.

Соговорниците на Рацин.мк за овој аспект на аболицијата на Иванов се согласуваат со овие ставови и велат дека тогашниот претседател направил кривично дело злоупотреба на службена положба и дека за тоа може да биде повикан на одговорност пред лицето на правдата.

Треба да знаете
Moже да ве интересира