Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Маричиќ: Во изминатите седум години го свртевме правецот од изолација и безнадежност во членка на НАТО и преговори со ЕУ

Назадувањето во сите полиња ескалираше со една сериозна политичка криза во 2015 и 2016 година и оној инцидент на 27 април

„Во изминатите седум години го свртевме правецот од изолација, од позиција на безнадежност во евроатланските интеграции, денеска сме членка на НАТО и преговараме за членство во ЕУ. 2022 година беше пресвртна точка, за жал бевме доведени во една ситуација во која и покрај тоа што заслужено требаше да ги започнеме преговорите, од внатрешни причини на Европската Унија а потоа и прашањето коешто го отвори Бугарија бевме доведени во ситуација во јули 2022 година да го постигнеме оној компромисен француски или европски предлог којшто ни овозможи да ги почнеме преговорите за првпат по седумнаесет години“, изјави Бојан Маричиќ, вицепремиер за европски прашања во утринското гостување во емисија на „Слободен печат“.

Тој додаде дека нашата земја го добила тоа што го барала и заслужувала долго време.

„Како еден од условите за продолжување на преговорите по фазата на скринингот беа и уставните измени. Ние можеме да бидеме сосема задоволни и без задршка да си честитаме за она што го постигнавме во последните две години. Го започнавме и завршивме процесот на скрининг, од 15 месеци, којшто воопшто не е ниту едноставен ниту лесен процес. Напротив, тоа е комплексен процес кој опфати илјада луѓе, наша делегација, кои поминаа низ тие состаноци, 100 работни дена, 850 презентации, 200 институции. Тоа е една обемна операција која ни донесе јасна слика до каде сме и што треба да направиме“, потенцираше Маричиќ.

Тој додаде дека луѓето коишто активно учествувале во скринингот не се обични граѓани туку луѓе врз коишто почиваат институциите без разлика што администрацијата е предмет на критика, но дека таму биле добри луѓе без кои државата не може да функционира.

„Во тие илјада луѓе, јас знам лично голем дел од нив бидејќи лично бев присутен на најголем дел од скрининзите. Навистина доаѓаат од сите партии или не доаѓаат од ниту една, но сите работеа тимски за истата цел. Администрацијата е посвесна од политичарите од опозицијата коишто одбиваа отворени покани од наша страна да земат поактивно учество во целиот тој процес дури и националниот совет за европски интеграции којшто има надлежности во тој дел. На крајот од скринингот имавме фаза на консултации за патоказите кои се услов за да можеме да го отвориме првиот кластер. Патоказите за владеење на право и реформи во јавната администрација коишто се разгледаа на Собранието на заедничка седница на националниот совет за евроинтеграции и комисија за европски прашања и беа едногласно поддржани и така владата ги испрати во Брисел“, посочи Маричиќ.

Тој заклучи дека кога се има волја може на дело да се покаже дека заеднички се работи за истата цел. Тој модел е пожелно да се постави како пракса во наредниот четиригодишен период, на наредниот мандат на оваа влада, односно да постои конструктивна соработка со опозицијата.

„Досега направме сè што можеше да се направи без уставни измени. Во моментот кога ќе ги направиме уставните измени веќе нема други пречки и веднаш ќе биде свикана втората меѓувладина конференција и ќе го отвориме првиот кластер. Тоа отвара сосема друг спектар на можности. Ќе вадиме преговарачки позиции, ќе се операционализираат сите патокази, ќе бидат преточени во услови од ЕУ. Ќе има повеќе пари и повеќе можности. Влегуваме во еден друг процес којшто зависи повеќе од нас а помалку од другите“, изјави Маричиќ.

Тој додаде дека борбата е процесот да зависи повеќе од нас, а помалку од другите. Досега имало лоша причина или добар изговор дека не може ништо да се направи, односно дека Бугарија, Франција, Грција нè кочи.

„Сега имаме преговарачка рамка, пак ќе имаме отворени прашања со државите членки, бидејќи сите имаат свој интерес, дали се работи за месната индустрија во Шпанија. Наше е сите тие работи да ги надминеме во најскоро време за да влеземе во ЕУ. Кога ќе влеземе во ЕУ поинаку се однесуваат сите кон нас“, посочи Маричиќ.

Маричиќ додаде дека тој процес е доволно долг, но и доволно силен да се надминат сите недостатоци.

„Ништо во оваа држава не е неостварливо во текот на преговорите за ние да се плашиме од нив“, заклучи Маричиќ.

„Треба да ги извлечеме поуките од минатото. Во 2008 година ни се чинеше дека имаме луксуз да чекаме и дека не е многу итно да се реши прашањето со Грција, дека со текот на времето ќе се зајакне нашата позиција, дека ќе добиеме нови сојузници во ЕУ и сето тоа траеше до одредена точка кога тој недостаток на напредок почна да пречи на внатрешните односи, да ја доведува во прашање демократијата, назадување во сите полиња што ескалираше со една сериозна политичка криза во 2015 и 2016 година од којашто тешко излеговме цели три години и ескалираше со оној инцидент на 27 април. Мислам дека граѓаните не се доволно свесни колку скапо не чинеа тие 10 години“, изјави Маричиќ.

Тој додаде дека прашање е дали наредните 10 години ќе се искористат правилно.

„Во наш интерес е да чукаме на таа врата затоа што последиците ќе бидат по нас. Животниот стандард ќе заостанува, можностите да ја изградиме инфраструктурата побрзо и подобро со европски пари наместо само со буџетски пари или кредити и заеми ќе ја пропуштиме ние. Милијарди за земјоделците наместо милиони што ги има сега, ќе ги пропуштиме ние, зајакнување на малите бизниси, што е едно од најглавните приоритети на заедничкиот пазар на ЕУ. Тоа ќе биде само на наша штета“, посочи Маричиќ.

Маричиќ заклучи дека секој загубен ден од ЕУ ќе биде загуба за нас, а не за ЕУ. Идентитетот се докажа дека нема да биде загрозен. Зачленувањето во ЕУ е најдобра точка на заокружување на нашата државност.

Треба да знаете
Moже да ве интересира