Зоран БОЈАРОВСКИ
Во своето експозе при изборот на Владата, Мицкоски кажа дека ќе ги намали даноците, ќе отпочне силна борба против корупцијата и за владеење на правото, ќе се чешла имотот на обвинители, судии, на функционерите, ќе биде зголемен буџетот во образованието, ќе се формира посебен фонд за врвна наука, а во центарот на вниманието ќе биде економијата.
За сето ова тој рече дека „зацртал пеколно темпо на работа“. За оваа анализа прашавме неколку аналитичари и искусни политичари дали го видовме тоа пеколно темпо?
Петар Арсовски за Рацин.мк вели „немам впечаток дека има некое особено пеколно темпо во работата на владата, напротив“.
„Дури и поставувањето на функционери оди побавно од очекуваното, особено ако се спореди со последниот мандат на ВМРО ДПМНЕ, кога без малку илјада функционери без сменети во првиот ден од мандатот“, посочува Арсовски.
За Љубиша Николовски кој вели дека ако сме реални во оценките „најавеното пеколно темпо премиерот најчесто го гледавме по општините каде најавуваше отворање пазари и градинки. Ништо од ветеното засега не се случи, напротив ветеното веќе не се ни споменува“.
Професорот и поранешен амбасадор Нано Ружин вели „синдромот на Пинокио, присутен во нашата политика, што не е синдром само на ВМРО-ДПМНЕ, туку и на СДСМ, понекогаш ги тера политичарите да лажат и да претеруваат во нивните ветувања“.
„Голем број од преземените обврски од кампањите ретко или дел воопшто не се исполнуваат. Дел се исполнуваат, но проблемот е повеќе, би рекол, социолошки, затоа што тоа не е некој македонски феномен, туку култура на лажење на политичарите за да ги добијат изборите. Таквата култура создаде одреден скептицизам кај граѓаните да не им веруваат на политичарите и затоа политиката во криза“, истакнува Ружин.
И Николовски смета дека „разочарувањето е огромно кај граѓаните особено кај оние кои со многу жар и верба во подобри времиња гласаа за промени и залудно им ја дадоа довербата на ВМРО ДПМНЕ“.
„Она што загржува е дека не само во првите месеци од владеењето на оваа Влада, туку дека ако вака се продолжи вака ќе биде исто, дури и полошо, и во наатамошниот период од управувањето со државата“, оценува Љубиша Николовски.
Не е добро да не вбројат во блокот држави што ги предводи Унгарија
Ги прашавме нашите соговорници и за политичките импликации од политики на Владата досега во однос на четирите столба на кои се потпира македонското општество како што се меѓуетничките односи; односите со соседните земји; евроинтегративниот процес и реформите.
„Што се однесува до четирите столба, мислам дека новата влада се соочува со сериозни предизвици во секој од нив. Меѓуетничките односи се напрегнати поради дијаметрално спротиставените ставови на Македонците и Албанците околу иднината на земјата. Соседските односи и евроатлантските интеграции се заглавени во еден инаетлив балкански синдром, а реформите – можеби полето на кое очекувањата се најголеми, не се ни почнати“, анализира Петар Арсовски.
Николовски ги проценува и меѓуетничките односи кои беа моторната ПР стратегија на ВМРО ДПМНЕ во предизборието.
„Кога ја наметнаа тезата дека Македонците се граѓани од втор ред во својата држава со што ги подгрејаа националните чуства кај нив очекувајќи дека сега новата власт предводена од патриотската ВМРО ДПМНЕ, во сослужение со навидум тврдокорниот Максим Димитриевски, ќе ги сместат Албанците онаму кај што им е местото. Тоа сепак не се случи и ние сме сведоци на проста замена на една политичка сила на Албанците со друга на која сѐ уште не можеме докрај да и ги видиме крајните цели“, укажува Љубиша Николовски.
Нано Ружин посочува дека „односите со соседите се пореметени затоа што со фактот на упорното негирање на Преспанскиот договор и на незавршената работа за внесување на Бугарите во Македонија во Уставот влијаеше врз добрососедството и тоа не е добра насока. Од една страна се настојува да се поврзе линијата Будимпешта-Белград-Скопје-Атина, но оспорувањето на Преспанскиот договор може да ја успори оваа намера“.
Тој предупредува дека не е добро тоа што оваа Влада „настојува да влезе во оној блок држави на чело со Унгарија, којашто има одредени критички забелешки кон политиката на ЕУ. Треба да се внимава“.
Ружин укажува на тоа дека „постои некој евроскептицизам кај ВМРО-ДПМНЕ со инсистирањете на реториката ‘ние сѐ направивме, вие ништо не давате’, дека државата изгубила достоинсттво и.т.н.
„Во однос на евроинтегративниот процес сакам да истакнам нешто што е малку присутно во македонската јавност, а тоа е дали ВМРО-ДПМНЕ, Владата што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, сака и настојува да станеме членка на ЕУ. Јас имам зборувано со повеќе интерелктуалци и политичари од ВМРО-ДПМНЕ и тие постојано го поставуваат прашањето: А што ќе добиеме ако станеме членка на ЕУ?“, посочува Нано Ружин.
Љубиша Николовски, пак, потсетува дека Мицкоски пред да ја употреби синтагмата „пеколно темпо на работа” зборуваше за „брза лента” на која ќе ја стави Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ.
„Од сегашните изјави и постапки очигледно е дека таа лента нема доволно гориво ни да се придвижи“, смета Николовски.
Уште ги држи еуфоријата од изборната победа, ќе се освестат кога ќе треба да се носат државнички одлуки
Во однос на реформите во делот на борбата против корупцијата за Николовски останаа само секојдневните закани без никаква институционална завршница, а Петар Арсовски смета дека за борбата против корупцијата, како и за привлекување нови стратешки инвестиции, сега засега остануваат само очекувања.
Нано Ружин оценува дека во однос на реформите партијата што ја презеде власта е сѐ уште во еуфорија.
„Наместо со реформи се бават со ирационални пресови за поранешната министерка за култура, без да водат сметка дека објавувањето на документите од тоа министерство на овој начин е недозволиво и незаконски“, укажува Ружин
„Ќе им помине таа еуфорија и ќе треба да се свртат кон обврските што ги очекуваат во иднина. Реформите стојат на место, тоа што го ветија е маргианизирано. Ќе дојде време за државнички одлуки за реформска подготвеност, решителност за да продолжиме по патот што е зцртан“, смета Нано Ружин.
Вообичаено за анализите за почетниот период од работата се и проценките за насоката во која се движи земјата и до кој степен таа е во согласност со нејзините стратешки интереси.
Петар Арсовски смета дека е рано да се говори за вкупната насока во која се движи земјата, но, вели, предизвиците се големи.
„Веќе во првите месеци, се појави антагонизам со Албанците, антагонизам на линија на Преспанската спогодба, никаков напредок со Бугарија, а приближување со Орбан. Ако е тоа правецот во кој планира владата да ја движи земјата, брзо ќе се соочи со критика од меѓународната заедница“, проценува Арсовски.
Стратешките интереси, вели Николовски, одсекогаш различно се толкувале од страна на главните политички субјекти.
„За некои било јасно кои се тие, за некои до ден денеска нема јасна слика што се тие и каде ја гледаат Македонија во иднина. Но, видете ако со соседите не изградите собрососедски односи, како и со САД и ЕУ, тогаш вие не знаете каде го водите овој брод, зашто не го гледате светилникот на карпестиот брег“, предупредува Николовски.
Ги прашавме нашите соговорници дали има нешто што посебно би го издвоиле од работата на Владата во овој период како особено добро.
Љубиша Николовски вели „потрошив побеќе време размислувајќи на ова прашање за да најдам нешто со што навистина би ка задоволил сопствената потреба да биде позиривно, но навистина не најдов ништо такво“. За Нано Ружин „сето ова е само една епизода на политичката сцена бидејќи со тек на годините станува јасно дека политичките партии и првенци, кој и да се тие, не можат да отстапуваат од главната патека по којашто се движи политиката и на Западен Балкан и на Северна Македонија.