Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Никогаш „Северна“?!? Само „Македонија“? Ај да видиме

Со денешната предолга експликација дека ќе ги почитува Уставот и законите во врска со името на државата во јавната државничка комуникација наспроти на неговото приватно право, стана јасно дека Мицкоски се соочил со реалната политика и со можните последици од непочитување на правилата на игра на меѓународната сцена. Конечно се сети дека изборите завршија.
И не дека се ситиме, ама навистина: Никогаш „Северна“?!? Само „Македонија“? Навистина? Ај да видиме, баш.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Мицкоски ретерира. Откако доби отворено и јасно предупредување дека може да доживее „непријатно искуство“ во Вашингтон на Самитот на НАТО, сѐ подолги му се експликациите со кои уверува дека ќе ги почитува Уставот и законите во врска со името додека тие се во сила, такви какви што се сега.

Сепак, тој не отстпаува од неговото „загарантирано човеково право на слобода на изразување и говор“ како негово приватно право да ја нарекува земјата – Македонија.

Не знаеме, сега засега, како Мицотакис гледа на овие обиди за итроштина на Мицкоски, но бездруго првото што ќе го направи е да го потсети дека според Договорот од Преспа (член 1 став „а“), „Официјалното име на Втората страна ќе биде Република Северна Македонија, што ќе претставува уставно име на Втората страна и ќе се употребува erga omnes, како што е предвидено во оваа спогодба. Скратеното име на Втората страна ќе биде Северна Македонија“.

Но, ајде да видиме што предвидува Членот 7,  од Договорот од Преспа, на кој се повикуваат Мицкоски и Силјановска Давкова за да го поткпрепат нивното инсистирање дека нивно човеково право било правото на слобода на изразување и на говор за да го користат само „Македонија“ од целото уставно име Република Северна Македонија.

Поточно, тоа на што се повикуваат претседателката и мандатарот Мицкоски е ставот „ѓ“ од Членот 1 од Договорот од Преспа, која наведува:

„Придавката (Северна, н.з.) во однос на државата, нејзините службени органи и други јавни институции ќе биде во согласност со официјалното име на Втората страна или со нејзиното скратено име, односно „на Република Северна Македонија“ или „на Северна Македонија“. Други употреби на придавката, вклучително и употребата на придавкатаво однос на приватни ентитети и актери, кои не се поврзани со државата и јавните ентитети, кои не се основани со закон и не добиваат финансиска поддршка од државата за активности надвор од државата, можат да бидат во согласност со член 7, став (3) и став (4). Употребата на придавката за активности може да биде во согласност со член 7, став (3) и став (4). Ова не влијае на процесот воспоставен според член1, став 3 (ж) и на постојните сложени имиња на градовите на датумот на потпишување на оваа спогодба“.

Да појасниме името „Македонија“, термините „на Македонија“, „Македонски“, „Македонска“ и слично можат да ги употребуваат „приватни ентитети и актери, кои не се поврзани со државата и јавните ентитети, кои не се основани со закон и не добиваат финансиска поддршка од државата за активности надвор од државата“.

И сега? Што не е јасно?!? Гордана Силјановска Давкова е претседател на Република Северна Македонија, институција основана со закон на истоимената држава, избран функционер што добива плата од државата Северна Македонија. Христијан Мицкоски ќе биде претседател на Владата на Република Северна Македонија, институција основана со закон на истоимената држава, од којашто ќе зема плата.

Впрочем, Мицкоски рече дека Гаши треба да се извини затоа што рекол дека негова татковина е Косово и дека треба да каже дека татковина му е Македонија зашто од неа зема плата како претседател на Собранието на Република Северна Македонија.

За да бидеме уште појасни, Силјановска Давкова и Мицкоски во моментот кога ги добија уверенијата дека се претседателка и пратеник, односно мандатар за составување на новата влада, врз основа на изборните резултати, престанаа да бидат приватни, односно – само приватни личности. Со овие функции тие, во извршувањети на овие јавни функции, како избрани функционери, тие прифатија и јавна одговорност да ги извршуваат согласно Уставот и законите.

Да, секој, вклучително и јавните личности, имаат право на приватност. Но, кога некое лице оди во јавниот живот, тој или таа мора да разбере дека одредени прашања што може да се сметаат за приватни за приватно лице може да станат прашања од разумен јавен интерес кога тој поединец се кандидира за функција. Да се ​​стане јавен службеник, односно избран функционер, значи да се стави интересот на јавноста пред личниот.

Во нивниот случај, интересот бна јавноста, на базилна основа, е да се почитуваат Уставот и законите.

Што вели искуството од светот за однесување на избраните функционери кога извршуваат јавни функции

Во Етичкиот кодекс на Советот на Европа, кој ги утврдува правилата на однесување на избраните функционери кога извршуваат јавни функции, во членот 5 стои дека „Јавниот службеник има должност лојално да и служи на законски конституираната национална, локална или регионална власт“.

Вториот став од овој член препорачува дека од „јавниот службеник се очекува да биде чесен, непристрасен и ефикасен и да ги извршува своите должности најдобро што може со вештина, правичност и разбирање, имајќи го предвид само јавниот интерес и релевантните околности на случајот“.

Во членот 6 од кодексот за однесување на избраните функционери е наведено дека „во извршувањето на своите должности, јавниот службеник не треба да постапува самоволно на штета на кое било лице, група или тело и треба да има должно почитување на правата, должностите и соодветните интереси на сите други.

Членот 8 изричито нагласува декан „Јавниот службеник не треба да дозволи неговиот или нејзиниот приватен интерес да дојде во конфликт со неговата јавна позиција. Негова или нејзина одговорност е да избегне такви конфликти на интереси, без разлика дали се реални, потенцијални или привидни.

Вториот став од овој член е уште попрецизен и истакнува дека „Јавниот функционер никогаш не треба прекумерно да ја користи својата позиција за свој приватен интерес“.

Од четирите членови на овој Кодекс, деветтиот го затвора прашањето дали политичарите смеат да го користат приватното право во извршување на јавните функции, укажува дека „јавниот функционер има должност секогаш да се однесува на начин на кој довербата и довербата на јавноста во интегритетот, непристрасноста и ефективноста на јавниот сервис се зачувани и зајакнати“.

Еве како изгледа приватното версус јавниот интерес и во САД. Според Томас Џеферсон, еден од основачките татковци на САД, основниот принцип на јавната служба, кој се применива и ден денеска е дека „Кога човек презема јавна доверба, тој треба да се смета себеси за јавна сопственост“. Ова чувство низ праксата на САД се трансфоримираше во познатиот принцип „Јавниот сервис е јавна доверба“. За да се обезбеди доверба на јавноста во интегритетот на личностите што ја раководат Федералната влада, од нив се очекува да се придржуваат до основни принципи на етичко однесување.

Еден од тие принципи е декане смеете да ја користите вашата јавна функција за своја приватна корист или за приватна корист на пријатели, роднини, деловни соработници или кој било друг ентитет, без разлика колку е достоен. Освен како што е предвидено со закон или регулатива, се вели во Кодексот на однесување на јавните функционери на САД, не смеете да користите или да дозволите користење на вашата владина позиција или титула за вашите лични, односно приватни афинитети.

Овој принцип е дел од Кодексот на однесување на американските избрани функцинери стана дел од церемониите при преземање на должноста кај сите министерства и секретаријати. Примери за оваа практика има многу, но и ова е доволно.

Како и да е, со денешната предолга експликација за неговото приватно право наспроти Уставот, законите и меѓународните правила на игра, стана јасно дека Мицкоски се соочил со реалната политика и можните последици од непочитување на правилата на игра на меѓународната сцена. Конечно се сети дека изборите завршија.

И не дека се ситиме, ама навистина: Никогаш „Северна“?!? Само „Македонија“? Навистина? Ај да видиме, баш.

Moже да ве интересира